„Верковиќев апостол“ – книга со анализа на ракопис од 14 век со македонски-црковнословенски дијалект

Пред тетовската публика првпат беше претставена книгата „Верковиќев апостол“ од доцент д-р Михајло Марковиќ и проф. д-р Соња Новотни од Универзитетот во Тетово која е излезена од печат во 2019 година. Станува збор за значајно дело кое обработува ракопис од 14 век на монашки писец, за кој двајцата автори прават анализа на правописно-фонолошките особености. Презентацијата на книгата беше извршена вчера по повод 21 февруари – Интернационален ден на мајчиниот јазик.

„Верковиќевиот апостол“ се издвојува како македонскиот ракопис, односно ракопис со македонска-црковнословенска редакција. Освен тоа ќе ги издвоиме особеностите кои ги има „Верковиќевиот апостол“ бидејќи се работи за ракопис од 14 век, апостол кој е пишуван на определна дијалектна норма на македонски јазик. Што значи јасно се одразува македонската-црковнословенска варијанта низ целиот ракопис. Односно елементите кои покажуваат дијалектна особеност коишто и денес може да се сретне во средината на македонската дијалектна почва, изјави авторот Михајло Марковиќ.

Ракописот е наречен по Стефан Верковиќ за кого се смета дека го зел и го однел од Македонија во Русија. Професорката Соња Новотни го наоѓа ракописот во Русија, во библиотеката „Салтиков-Счедрин“ во Санкт Петербург. Таму зема факсимили и тоа е нејзина магистерска теза, одбранета во 1994 година. Пред две години Министерството за култура го одобрува за печат и ние го доработуваме и вршиме анализа на правописно-фонолошките особености. Овој ракопис има и дел „Згоштов апостол – расчитан текст и орнаментика“. Но, во нашата книга се задржуваме исклучиво за правописно-фонолошките особености, потенцира Марковиќ. Дел од настанот беше и предавањето на професорката по македонски јазик Ружа Ѓорѓеска посветено на Блаже Конески.

Advertisement