
Белото вино „Шардоне“ од бербата од 2015 година на винаријата „Стоби“ доби златен медал на 24. Меѓународен натпревар на најдобрите вина од сортата „шардоне“ во светот кој се одржа во Франција. Како што соопштија од винаријата, на натпреварот биле оценувани 706 примероци од 38 земји, меѓу кои и од Јужна Африка, Австралија, Австрија, Канада, Чиле, итн. Победниците биле избрани од страна на 300 вински стручњаци, а македонското вино за својот квалитет доби златен медал. Натпреварот се одржува две децении со цел да се наградат најдобрите „шардонеа“ во светот.
Идејата е да се истакне шареноликоста и богатството на ваквиот тип на вино и да се создаде простор каде производителите ќе разменат искуства и контакти. На манифестацијата се промовира и научен пристап и се шират знаењата за „шардоне“. Во Македонија не се произведуваат многу бели вина. Познати сме по црвените затоа што имаме повеќе сорти на црвено грозје. Токму поради тоа, овој златен медал ни значи многу и горди сме што нашето „Шардоне“ се издвои помеѓу 706 пристигнати примероци од цел свет.
Винаријата минатиот месец доби и два златни медала за црвените вина „Вердо“ и „Веритас“ од бербата од 2013 година на пролетното издание на престижниот натпревар „Мундус вини“ во Германија. Винаријата е отворена во 2010 година и веќе е втор најголем извозник на вино во шише во Македонија. Годишно се произведуваат 4,5 милиони литри вино.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden