ВМРО-ДПМНЕ ги продолжува консултациите за референдумот

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ од утре продолжува со консултациите за референдумот со коалициските партнери, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој најави дека многу скоро ќе излезат со конкретна позиција.

„Дали ќе одиме со 150 илјади потписи или со пратениците, имајќи предвид дека континуирано се сее притисок од власта дека некој се двоумел, а не сакаме да ги изложуваме толку граѓаните пред оваа хибридна и режимска власт, па може ќе се одлучиме да одиме со 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да го поднесат референдумот“, изјави Мицкоски во Љубанци по пуштањето во употреба на ново спортско игралиште.

Мицкоски најави дека ќе ја напушти политиката ако некој од ВМРО-ДПМНЕ гласа и така се промени Уставот.

ВМРО-ДПМНЕ најави референдум за внесувањето на Бугарите во Уставот, за што се потребни уставни измени, што пак е услов за продолжување на преговорите за влез во ЕУ.

ВМРО-ДПМНЕ се противи на уставни измени и најави дека нема да гласа за нив, а Уставот не може да се смени само со просто мнозинство, односно потребни се и гласови од пратениците до ВМРО-ДПМНЕ.

Advertisement