Во Албанија нема зголемување на цената на струјата

Албанскиот вицепремиер Арбен Ахметај, по денешната владина седница, изјави дека донесена е владина одлука со која нема зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите бизниси.

Тој посочи дека покрај заштитата на домаќинствата и малите бизниси од зголемувањето на цената на електричната енергија, постои план за големиот бизнис со непречено снабдување со електрична енергија и заштита на овие две категории, домаќинствата и малиот бизнис.

„Првата точка што е многу важна има врска со нормалното снабдување со електрична енергија на целата територија на земјата. Втората точка се однесува на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите бизниси да остане непроменета. За останатите има реформа, што ќе продолжи како што е планирано. Ќе продолжиме да ги заштитуваме домаќинствата и малите бизниси од меѓународните проблеми со цената на електричната енергија“, изјави Ахметај.

Тој посочи дека владата работи за да гарантира снабдување со „електрична енергија 24 часа на ден, 7 дена во неделата, „иако снабдувањето во светот е проблематично“.