Во Битола се одржа и 32. Генерално собрание на Светскиот Македонски Конгрес

На 2 август во Битола се одржа и 32. Генерално собрание на Светскиот Македонски Конгрес (СМК).

  1. Генерално собрание на СМК изрази сочувство по повод смртта на генералниот секретар Ниче Димовски, претседателот на Одборот за чествување на Александар Трети Македонски Паскал Камбуровски и членот на Одборот за чествување на Александар Трети Македонски Виолета Сековска и ги разреши од функцииите кои ги извршуваа во СМК.
  2. Генерално собрание на СМК за генерален секретар на Светскиот Македонски Конгрес за мандатниот период 2020-2024 година на местото на Ниче Димовски го избира Борче Стефановски.
  3. Генерално собрание на СМК за член на Комитетот за Македонците на Блискиот, Средниот и Далечниот Исток на местото на Паскал Камбуровски го избира Дардан Венетски.
  4. Генерално собрание на СМК го прогласи составот на Одборот за чествување на Александар Трети Македонски: Дардан Венетски претседател, Томче Ширков заменик претседател, Лазо Ефремов секретар и членови Ангелина Божиновска и Васил Иљов.
  5. Генерално собрание на СМК за претседател на Комисијата за прием, избори, именувања и верификации во СМК наместо Ниче Димовски го избира Борче Стефановски.
  6. Генерално собрание на СМК за заменик претседател на Управниот одбор на Фондацијата за Македонија наместо Ниче Димовски го избира Борче Стефановски.
  7. Генерално собрание на СМК за член на Управниот одбор на Фондацијата за многудетни македонски семејства “Свети Никола“ наместо Ниче Димовски го избира Антонио Димовски.
  8. Генерално собрание на СМК почесната титула Македонски сенатор ја додели на Зоран Ќосески почесен конзул на Македонија во Перт, Австралија и постхумно на Неговото Високопреподобие отец Методиј Архимандрит на ставропигијалниот Валаамски манастир на Руската Православна Црква.

Плакетата на Зоран Ќосески за почесната титула Македонски сенатор ќе му се врачи лично, а плакетата за Неговото Високопреподобие отец Методиј Архимандрит на ставропигијалниот Валаамски манастир на Руската Православна Црква ќе се врачи на Епископот Троицки во ставропигијалниот Валаамски манастир на Руската Православна Црква.

  1. Генерално собрание на СМК донесе Одлука за прогласување на 11 август за Ден на Македонското знаме.

Собранието на Македонија на седницата одржана на 11 август 1992 година шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце на црвена основа со Закон го прогласи за симбол на државното знаме на државата Македонија. По барање на Грција, а под притисок на ЕУ и според македонско-грчката Привремена согласност Стево Црвенковски – Каролос Папуљас склучена на 13 септември 1995 година, вториот пратенички состав на Собранието на Македонија на седницата одржана на 5 октомври 1995 година го смени шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце на црвена основа со актуелното државно знаме.

  1. Генерално собрание на СМК донесе Одлука за прогласување на 30 Септември за Ден на Македонскиот непокор!

На референдумот одржан на 30 септември 2018 година, и покрај сите притисоци од домашните врховисти и колаборационисти и странските мешетари, речиси две третини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, не гласа за “членство на Македонија во Европската Унија и НАТО Алијансата“ и не гласаа “за Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година“ за промена на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ!

  1. Генерално собрание на СМК упати апел до Македонците по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, да ги одбележат и прослават 10 Август – Светскиот ден на Се-Македонското помирување и обединување и 11 Август – Ден на Се-Македонското знаме!

Одлуката за прогласување на 10 Август за Светски ден на Се-Македонското помирување и обединување е донесена на Четвртото Собрание на Светскиот Македонски Конгрес за Европа одржано на 25 април 1998 година во Ремшајд, СР Германија и на Шестото Генерално Собрание на Светскиот Македонски Конгрес одржано на 8 август 1998 година во Скопје, Македонија, во знак на помен и спомен на поделбата, окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ, во знак на помен и спомен на жртвите на Македонскиот народ во Балканските војни 1912-1913 година, Првата Светска Војна 1914-1918 година, Втората Светска Војна 1939-1945 година и Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.

  1. Генерално собрание на СМК донесе: Резолуција за Македонското прашање, Резолуција за геноцидот врз Македонскиот народ, Резолуција за Македонската Православна Црква, Резолуција за македонско државјанство за Македонците и избирачкото право на македонските државјани во светот, Резолуција за Македонскиот јазик, Резолуција за уставобранителите од 27 април 2017 година, Резолуција за пописот на населението, и Резолуција за ажурирање на членовите на Светскиот Македонски Конгрес.

Резолуциите ќе бидат доставени до Претседателот, Собранието и Владата на државата Македонија и надлежните меѓународни органи, организации и заедници: ОБСЕ, Советот на Европа, ЕУ, НАТО и ООН.

РЕЗОЛУЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ

(1) Со сите разлики меѓу Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во татковината и светот, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички содржател. Со Македонија не’ има, без Македонија сите заедно ќе не снема.

(2) Прашањето за името на државата е затворено со одлуката на референдумот од 8 септември 1991 година кога четири петини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, гласаа “за суверена и самостојна држава Македонија“ без додавки и без придавки, и со резултатот на референдумот од 30 септември 2018 година кога две третини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, не гласаа за членство во ЕУ и НАТО и не ја прифатија Спогодбата Димитров-Коѕиас за промена на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ. Одлуката на референдумот по Устав е задолжителна за сите, без исклучок!

(3) Македонците по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината отфрлаат пристапување на државата Македонија во сојуз со Европската Унија и НАТО Алијансата поради антимакедонизмот на Грција и Бугарија, грчкиот и бугарскиот геноцид врз Македонскиот народ, наци-фашистичкото барање на Грција за промена на името на државата Макаедонија и наци-фашистичкото барање на Бугарија за промена на јазикот, културата и историјата на Македонскиот народ, како вредност за солидарност на Брисел и Стразбур со Атина и Софија. Европската Унија и НАТО не се достојни за промена на името на државата и идентитетот на нацијата!

(4) Македонија е унитарна држава на Македонскиот народ со мултиетничко, мултијазично, мултикултурно и мултиконфесионално општество, во која се гарантира еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите независно од етничкото потекло, верското уверување, социјалниот статус, партиската припадност и општествената положба.

Во Македонија се гарантира културна автономија на националните малцинства што значи почитување, изразување, негување и унапредување на нивниот етнички, јазичен, културен и верски идентитет.

(5) Бараме Владата да ги огласи за ништовни Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година, Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година, амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија и Уставниот закон за нивно спроведување од 11 јануари 2019 година и Законот за употреба на јазиците побјавен во “Службен весник на Република Македонија“ од 14 јануари 2019 година, бидејќи се во спротивност со домашното и меѓународното право и претставуваат велепредавство на државата и нацијата.

(6) Бараме претседателот на Републиката или премиерот еднострано да ја раскине Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година и за тоа со нота да ги извести Владата во Атина, генералниот секретар, Советот за безбедност, Генералното собрание и државите членки на Обединетите Нации со резолуција за продолжување на членството под единственото државно име Македонија, без латинична транскрипција на Македонскиот јазик (Republika Makedonija) туку на англиски јазик Republic of Macedonia, со меѓународниот код МК односно МКД и нотификација на Македонскиот народ и Македонскиот јазик на англиски јазик Macedonian people и Macedonian language, независно од историските хипотеки – окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ од Балканските војни 1912-1913 година што трае до денес.

(7) Бараме претседателот на Републиката или премиерот еднострано да го раскине Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година и за тоа со нота да ги извести Владата во Софија, генералниот секретар и Советот за безбедност на Обединетите Нации

( Предлагаме историско помирување на Македонскиот народ со соседните народи и склучување на договори за траен мир и добрососедство на државата Македонија со соседните држави, но врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост што подразбира: взаемно почитување и разбирање, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи.

(9) Иако нашата држава е единствена во светот со името Македонија, сметаме дека културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации во чијашто основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите меѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации.

Во културата и историјата на Македонија нема дисконтинуитет, тие се во континуитет, како што е автохтон Македонскиот народ, од пред новата ера до денес.

Отфрламе ревизија на македонската историја по барање на соседните метрополи.

Бараме итно и безусловно распуштање на комисиите за ревизија на македонската историја формирани меѓу владите на Македонија и Хеленската Република и владите на Македонија и Бугарија.

Отфрламе нова политичка историја на Македонскиот народ и Македонија по барање на Атина и Софија.

РЕЗОЛУЦИЈА ЗА ГЕНОЦИДОТ ВРЗ МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

(1) Во Балканските војни 1912-1913 година извршена е окупација врз Македонија и геноцид врз Македонскиот народ кои траат до денес. Државите учеснички во овие војни ги сметаме за окупатори!

(2) Бараме државите учеснички во овие војни да се извинат за сите историски и општествени неправди и злосторства и да ги осудат окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ.

(3) Бараме репарации за штетите по животите и имотите на насилно прогонетите Македонци и за експлоатацијата на природните и археолошките богатства на Македонија под окупација од Балканските војни до денес.

(4) Бараме права и слободи за Македонците во соседните земји на државата Македонија како еднакви со еднаквите и рамноправни со рамноправните.

(5) Бараме враќање на граѓанските права на насилно прогонетите Македонците од Егејскиот дел на Македонија под јурисидкција на Република Грција и на нивните потомци, од Првата и Втората Балканска Војна, Првата и Втората Светска Војна и Граѓанската Војна во Грција – правото на државјанство и имотните и наследните права.

(6) Бараме Собранието на Република Македонија, Генералното собрание и земјите членки на Обединетите Нации, Европскиот Парламент, Парламентарното собрание на Советот на Европа и Самитот на ОБСЕ да донесат посебна Резолуција за осуда на окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ од Балканските војни до денес.

(7) Бараме Владата на Република Македонија да побара продолжение на Генералното собрание на Обединетите Нации за реемиграција на децата бегалци од 1948 година и нивните наследници во своите родни места и утврдување на ефективни мерки по тоа прашање.

(Ја почитуваме неповредливоста на граница на Република Македонија со соседите и декларираме дека Македонците немаат територијални претензии кон соседните држави.

(9) Бараме Парламентот на Република Грција да ја ратификува Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства од Советот на Европа, утврдена на 22 септември 1997 година.

РЕЗОЛУЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

(1) Отфрламе преговори за името, статусот и достоинството на Македонската Православна Црква, која претставува легална и легитимна канонска наследничка на древната Охридска Архиепископија, односно Патријаршија и на Јустинијана Прва.

(2) Бараме поткренување на достоинството на Македонската Православна Црква од Архиепископија во Патријаршија со поглавар титулиран како Патријарх Македонски и на Јустинијана Прва Архиепископ Охридски и Митрополит Скопски.

(3) Предлагаме Закон за прогласување на Охрид за светски сеправославен центар, со право сите цркви кои ќе влезат во сослужение со Македонската Православна Црква од државата Македонија да добијат градежна парцела без надомест за изградба на црква и манастир како предворје во Охрид.

РЕЗОЛУЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКО ДРЖАВЈАНСТВО ЗА МАКЕДОНЦИТЕ И ИЗБИРАЧКОТО ПРАВО НА МАКЕДОНСКИТЕ ДРЖАВЈАНИ ВО СВЕТОТ

(1) Бараме Собранието на Република Македонија да донесе Закон за изменување и дополнување на Законот за македонско државјанство, за безусловен прием во македонско државјанство за Македонците по потекло во светот и Закон за изменување и дополнување на Изборниот законик за остварување на избирачкото право на македонските државјани во странство по електронски пат со анулирање на обврската за активна пререгистрација за секои избори.

(2) СМК повторно ќе поднесе Закон за изменување и дополнување на Законот за македонско државјанство до Собранието на Република Македонија во смисла на точката (1) од оваа Резолуција.

РЕЗОЛУЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

(1) На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е Македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

(2) Во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство живеат припадниците на едно национално малцинство во службена употреба, покрај Македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, се и јазикот и писмото на националното малцинство на начин утврден со закон, а во согласност со Европската повелба за регионални и малцински јазици на Советот на Европа од 1992 година која е во сила од 1 март 1998 година.

(3) СМК го повикува Уставниот суд на Македонија да го поништи Законот за употреба на јазиците по иницијативата на СМК од 2019 година.

РЕЗОЛУЦИЈА ЗА УСТАВОБРАНИТЕЛИТЕ ОД 27 АПРИЛ 2017 ГОДИНА

(1) Се прифаќа Декларацијата од семакедонските протести “Демократија во Македонија и слобода за уставобранителите“ одржани на 25 април и на 29 мај 2021 година, по повод настаните во Собранието на Македонија на 27 април 2017 година, во организација на Македонците по род и државјанство, во светот и татковината.

(2) Најостро се осудуваат политички монтираните обвиненија за “терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ и драконските казни на неправедно осудените за настаните во Собранието на Македонија од 27 април 2017 година и се бара нивно безусловно ослободување од натамошно извршување на казната и нејзино бришење!

(3) Се бара Врховниот суд на Македонија да ги поништи пресудите против сите од настаните во Собранието на Македонија на 27 април 2017 година и да го обнови судењето поради дополнителни докази за лажни изјави на сведоци и селективен избор на докази и сведоци против обвинетите.

(4) Се потсетува дека инволвираните во настаните во Собранието на Македонија од 27 април 2017 година, беа испровоцирани од флагрантното кршење на Уставот на Македонија, законите и собранискиот деловник при изборот на претседател на Собранието и пеењето на химна на друга држава во Собранието, на годишнината од масакрот кај Вејце врз припадници на Вооружените сили на Македонија во војната 2001 година.

(5) Најостро се осудуваат пратениците кои ги отворија вратите за влез на народот во Собранието, а за ослободување од обвинението извршија велепредавство: Гласаа за уставните измени за промена на идентитетот на Македонскиот народ и името на државата Македонија, што не беше прифатено на референдумот одржан на 30 септември 2018 година и е во спротивност со референдумот од 8 септември 1991 година.

(6) Се бара праведно судство и независно јавно обвинителство, ослободени од партиски влијанија и притисоци, а не во злосторничко здружение со Владата против човековите права и слободи и правниот поредок на државата. Се бара одговорност за судиите и јавните обвинители кои нестручноста и несовесноста ги прави недостојни за вршење на функцијата.

(7) Се поднесува иницијатива до Уставниот суд на Македонија за оценување на уставноста на Законот за амнестија за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година донесен на седница на Собранието одржана на 18 декември 2018 година.

РЕЗОЛУЦИЈА ЗА ПОПИСОТ НА НАСЕЛЕНИЕТО

(1) Го отфрламе одложувањето на Пописот од 5 до 30 септември годинава, со продолжување на самопопишувањето во странство од 1 март до 30 септември 2021 година!

(2) Имајќи предвид дека граѓаните се еднакви пред Уставот и законите, попишувањето за сите мора да се спроведе во ист период со почеток од критичниот момент на полноќ ден пред почетокот на Пописот во Државата Македонија!

(3) Потсетуваме дека регистрацијата односно евиденцијата на македонските државјани во странство не се врши според Законот за Попис, туку со интегрираното гранично управување и врз основа на членот 8 од Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните.

(4) Пописот од 1 март до 21 април 2021 година го сметаме за неуспешен и завршен, а досега попишаните податоци ги сметаме за ништовни при подготовка и организација на повторен Попис и бараме нивно поништување, бидејќи се спроведени: (1) со методологија во која е вградена системска деформација што дава погрешни резултати преку “вкупно резидентно население“, “вкупно нерезидентно население“ и “вкупно попишано население“, (2) со злоупотреба на “самопопишувањето“ во странство преку групно попишување и попишување на лица кои се откажале од македонското државјанство поради прием во друго државјанство, бидејќи тие држави не дозволуваат двојно државјанство, (3) со грубо мешање на Приштина и Тирана во внатрешните работи на Македонија за масовно попишување на косовски и албански државјани кои имаат повеќе државјанства меѓу кои и македонско државјанство, (4) сомнителен ангажман на бугарската компанија Scale Fokus во изработка на страницата за Пописов со пристап до чувствителни лични податоци на странска компанија од држава која води агресивна антимакедонска политика, и (5) сомнителната заштита на автоматската обработка на податоците поради пад на софтверот и негово неовластено пробивање преку VPN-мрежа.

(5) Бараме ОБСЕ и Советот на Европа да ги проверат државјанствата и живеалиштата на жителите на Албанија, Македонија, Косово, Србија и Црна Гора и да воспостават механизми за елиминација на можноста исто лице да има повеќе од едно живеалиште по повеќе од една држава поради манипулации при попишувањето.

(6) Ги повикуваме Македонците по род и државјанство во светот да престанат да се самопопишуваат на нелегитимна политичка операција, која повеќе НЕ ВАЖИ, без нов закон и методологија!

Македонските заедници во светот имаат право да постапат по сопствено уверување.

(7) Упатуваме искрени честитки до сите Македонци по род и државјанство, во светот и татковината, до сите партии и здруженија, формални и неформални групи и медиуми, кои со бојкот и непопишување го отфрлија Пописот како нелегитимна политичка операција со цел: Македонците по род со соучество, од државотворен народ да станат едно од многуте малцинства во сопствената држава Македонија!

(7) Заради релаксација на етничките тензии и мир во општеството предлагаме Собранието да донесе Уставен закон за спроведување на Уставот кој ќе гласи: “Независно од пописните резултати, Државата Македонија ги гарантира правата и слободите на граѓаните утврдени во Уставот.“

(9) Бараме безусловна ревизија на книгата на македонските државјани и на матичните книги, и ревизија на издадените македонски државјанства на Албанци од Албанија и Косово!

(10) Бараме заштитни мерки за пристап до матичните броеви и личните податоци на граѓаните, поради уставната гаранција за нивна сигурност и тајност!

РЕЗОЛУЦИЈА ЗА АЖУРИРАЊЕ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СВЕТСКИОТ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС

(1) Се упатува јавен повик за пререгистрација на членовите и здруженијата, партиите и верските заедници – членки во Светскиот Македонски Конгрес

(2) Се упатува јавен повик за членство или соработка до сите Македонци по род и државјанство и сите здруженија, партии и верски заедници на Македонците во државата Македонија, соседните земји на државата Македонија и во светот.

ТЕКОВНИ ПРАШАЊА

  1. Генерално Собрание на СМК ја прифати информацијата за конституирање на Координација на роднините и родителите и адвокатите на осудените за настаните во Собранието на Македонија на 27 април 2017 година заради. За координатор е утврден претседателот на СМК. Доставени се дополнителни докази до роднините и родителите и адвокатите на осудените во Собранието на Македонија на 27 април 2017 година за повторување на постапката по жалба на пресудите од Апелациониот суд Скопје до Врховниот суд на Македонија.
  2. Генерално собрание на СМК ја прифати информацијата за регистрација на Македонско-Кинеска стопанска комора ЏОНГ ГУО и Македонско-Кинеско друштво на пријателство.
  3. Генерално собрание на СМК ја прифати информацијата за одлуката на Советот на Општина Охрид за поставување на крстот од Бутел до Митрополијата во Охрид.
  4. Генерално собрание на СМК ја прифати информацијата за одлуката на Советот на Општина Новаци за поставување на Обелиск на Кајмакчалан и прогласување на локалитетот со спомен костурницата за загинатите од Првата светска војна и Црквата Свети Спас за Споменик на културата, со одбележување за загинатите Македонци мобилизирани во српската, бугарската и грчката војска.
  5. Генерално собрание на СМК ја прифати информацијата за склучување договори за соработка на Светскиот Македонски Конгрес со Светскиот Еврејски Конгрес, Светскиот Руски Конгрес, Светскиот Украински Конгрес, Светскиот Полски Конгрес, Светскиот Бугарски Конгрес, Светскиот Словенечки Конгрес, Светскиот Албански Конгрес, Пан Македоники, Светскиот Хрватски Конгрес и Светскиот Српски Конгрес, Светскиот Чешки Конгрес, Светскиот Словачки Конгрес, Светскиот Унгарски Конгрес и Светскиот Романски Конгрес.