Во Данска и Германија уапсени 14 лица под сомнение дека планирале терористички напади

Данските власти во петокот соопштија дека 13 лица се наоѓаат во истражен притвор под сомнение дека планирале еден или повеќе терористички напади во Данска или Германија, која пак уапси едно лице.

Осомничените се приведени во голема антитерористичка акција викендов и се обвинети за „набавка на супстанции и компоненти за производство на експлозив и друго оружје“ или за учество во планирање терористички напади, објави данската безбедносна служба ПЕТ.

„Најдовме материјал наменет за правење бомби. Запленивме и оружје како митралези и ловечки пушки“, рече Флеминг Дрејер од ПЕТ на прес-конференција.

ПЕТ смета дека планираните напади имале исламистички мотив. ПЕТ уште во четвртокот објави дека седум лица, четворица мажи и три жени, ќе останат во притвор до 2 март. Во петокот е нареден притвор за уште четири мажи и две жени, и тоа до 23 февруари.

Дрејер рече дека со судски налог им е оневозможено да даваат детали за осомничените, но тој потврди дека се поврзани. Данскиот министер за правда Ник Хејкеруп претходно им се заблагодари на германските власти за соработката со ПЕТ и рече дека случајот покажува дека „терористичката закана за Данска останува и понатаму сериозна“.

Advertisement