Во Франција откриен споменик на загинатите македонски војници на Кајмакчалан

По цели 99 години од завршувањето на Првата светска војна, конечно и Македонија доби спомен-обележје, на кое се испишани имињата на војници од Македонија, од општината Новаци, кои загинаа во крвавите битки на Кајмакчалан. Во рамките на проектот во кој четири нации, четири градоначалници го слават мирот, во градот Коломбел, Франција, со голем број свечености и војнички почести беше откриен споменикот на кој се испишани имињата на 32 македонски војници од општината Новаци, кои ги оставија своите животи во рововите на Кајмакчалан. На свеченоста присуствуваше градоначалникот на Новаци, Љубе Кузмановски.

Голема благодарност за поканата, но и за гостопримството за градоначалникот на Коломбел, Марк Потје. Овој споменик е само потсетник на разорните последици што ги оставаат војните, затоа во иднина нека послужи како пример тоа да не се повтори. Настанот беше во знак на помирувањето и нашата понатамошна соработка со другите три општини, на размена на искуства и знаења и вложување во иднината на нашите деца – рече Кузмановски. Инаку, покрај градоначалникот на Новаци, на церемонијата присуствуваа уште и градоначалниците на градовите Штајнхем (Германија), Корнака (Нигер) и Коломбел (Франција), кои се сретнаа во Градината на мирот во Коломбел, како и владина делегација на Република Франција, воени аташеа, претставници на здруженија на Македонци од Франција, Швајцарија и од Белгија.

Откривањето на споменикот се случи во рамките на одбележувањето на Денот на примирјето од Првата светска војна. Покрај имињата на загинатите војници од Новаци, на спомен-обележјето се изгравирани и имињата на загинатите војници од Германија, Франција и од Нигер, кои ги оставија своите животи во битките од Првата светска војна. На спомен-плочата на Република Македонија се запишани 32 имиња на Македонци што потекнуваат од општината Новаци. Инаку, како што пишуваше пред извесно време „Нова Македонија“, идејата за подигнување на ваквиот споменик произлезе од минатогодишната средба меѓу двајцата градоначалници на Коломбел, Франција, Марк Потје, и сега веќе бившиот градоначалник на Новаци, Лазар Котевски, која се одржа во Франција, а на која беше потпишан Меморандум за разбирање и соработка меѓу двете општини.

По потпишувањето на меморандумот, некои од вработените во администрацијата на Новаци се зафатија со истражување на војниците што биле насила мобилизирани, а кои загинаа во крвавите битки на Кајмакчалан. По доста интензивно истражување во архивите на Новаци, како и Архивот на Битола, беа пронајдени имињата на 32 загинати македонски војници на Кајмакчалан, кои загинаа на Солунскиот фронт, во битките што на Кајмакчалан се водеа од 12 до 30 септември 1916 година. На тој список, покрај што се испишани имињата на загинатите војници од Новаци и селата што гравитираат кон оваа општина, Агларци, Будимирци, Грумази, Граешница, Мегленци, Скочивир, Добровени, Брник, Добровени се напишани и имињата на четите за кои тие се бореа.

Advertisement