Во Ирак пронајден загубениот град од Александар Македонски

Античките остатоци од градот, познат како Qalatga Darband, се забележани по анализата на обелоденети американски шпиунски снимки од 1960-тите. Материјалите беа објавени во 1966 година, но поради политичката нестабилност (владеењето на Садам Хусеин, пред сé), археолозите со години немаа можност соодветно да го истражат археолошкиот локалитет.

Но сега, благодарение на новите снимки со дрон и работата на терен (Британскиот музеј конечно доби дозвола да го истражува локалитетот дури откако се подобри безбедноста, а како дел од обука за Ирачаните во насока на „спасување“ на локалитетите оштетени од Исламска држава), археолозите утврдија дека на таа локација постоел град околу првиот и вториот век пред н.е., и тоа град со силно грчко и римско влијание. Се смета дека бил основан од Александар Македонски во 331 година п.н.е., а подоцна населен со околу 3.000 ветерани од неговите воени походи.

Калатка Дарбанд грубо преведен на курдски значи „замок на планинскиот премин“ и се смета дека бил дел од рутата на Александар Македонски во неговиот поход против персискиот цар Дариј III во 331 година п.н.е.

Градот воедно служел и како важна врска меѓу истокот и западот. Со оглед дека е на патот од Ирак кон Иран, археолозите сметаат дека Калатка Дарбанд бил мошне жив град, меѓу другото и полн со трговци кои ги снабдувале војниците со вино.

При ископувањата се најдени изобилство од теракотни плочки и ќерамиди, како и грчки и римски статуи. Меѓу статуите се најдени и женска фигура која најверојатно е Персефона – грчка божица на вегетацијата/земјоделието, како и машка, веројатно Дионис – богот на плодноста и виното (меѓу другото).

На западната страна, градот бил заштитен со голем заштитен тврдински ѕид, кој се протегал од реката до планината. Се протегал на широк отворен простор на површина од околу 60 хектари. Снимките од сателитот Corona од 1960-тите покажуваат и голем квадратен објект, кој веројатно претставувал централна тврдина, се вели на блогот на Британскиот музеј.

И локалните фармери потврдуваат дека во минатото наоѓале остатоци од големи згради и масивен заштитен ѕид. Друг аргумент за постоењето на градот токму на таа локација е и поинаквата боја на пченицата и јачменот што се одгледуваат таму. „Таму каде што има подземни ѕидови пченицата и јачменот не растат толку добро, па постои и разлика во бојата на културите“.

Во меѓувреме, на јужниот крај на локалитетот е најден споменик за кој се претпоставува дека служел како храм за славење на боговите. Најдени се и голем број на варовнички блокови, веројатно остатоци од преси за вино и масло.

Истражувањата на терен се почнати од есента 2016-та, а се очекува да траат до 2020-та година. Дел се од владиниот проект вреден 40 милиони долари со кој треба да се помогне Ирак да ги реизгради историските локалитети уништени од Исламска држава. Истражувачкиот тим кој работи на Калатка Дарбанд, конкретно, сега ќе трага и по лингвистички докази кои ќе ги потврдат нивните откритија./ww.britishmuseum.org/

 

Advertisement