Во корчанското село Бобоштица, свештеникот Теодор Икономо го проповедаше Евангелието на Македонски јазик

Fragment du F» 32: MATTHIEU, xxv, 3 1-46 (de la main de Theodhor Ikonomo)

При посета на корчанското село Бобоштица владиката бил мошне изненаден кога го чул проповедувањето на евангелието на македонски јазик. Високиот црковен достоинственик се налутил и остро го прекорил поп Теодор Икономо. Тој му одговорил дека самиот е господар во својата црква, зашто сметал дека главните проповедни делови од богослужбата трсбало да се разбирливи и за неписмените и обични луѓе. По овој настан продолжило да се чита евангелието на македонски јазик во двете цркви.

Македонската преродба во XIX век сеуште не е доволно истражена а таа содржи повеќе дејци кои зад себе оставиле бројни дела и пишани споменици. Во специфични општествени услови на национални и конфесионални конфронтации со асимилаторски тенденции, македонските просветители успеале врз основа на старите духовни традиции да ја заживеат преродбенската идеја меѓу македонскиот народ. Пренесувајќи го народното творештво од колено на колено преку усните и книжевните изрази тие овозможиле  македонскиот народ да го формира и да го задржи својот автентичен културен идентитет.

Во XIX век има повеќе Македонци кои ја негувале традицијата на народното творештво. Кај нив постоело изразито чуство на славјанската и христијанска припадност и била вистински браник од елинизацијата и исламизацијата на македонскиот народ. Особено изразит преродбенски порив, кој го одразувал  духот на македонското население постоел во Корчанскиот крај, во селата Бобоштица и Дреново денес во Албанија.

Пред суровото владеење на албанскиот феудалец Али Паша Јанински, голем број Македонци го напуштиле Корчанскиот крај на почетокот на XIX век. Меѓутоа, македонскиот народ кој останал и живеел во мешано опкружување, иако го познавал албанскиот јазик, грижливо го негувал месниот мајчин говор кој го нарекувале „јазикот кај нас“. На тој јазик се зборувало во македонските семејства и меѓу самото македонско население.

Ширењето на елинизмот преку црквата и просветата во втората половина на XIX век не го одминува македонскиот народ во Корчанскиот крај. Опасноста од еленизација ќе ги натера Македонците на Бобоштица и Дреново во 1873 година да побараат заштита од бугарскиот егзарх Антим од Истанбул. Иако богослужбената литургија се одвивала на грчки јазик, во одредени моменти таа се одвивала на македонски. За таа цел било преведено изборно евангелие во 1880 година, познато како Корчанско или Бобошчинско евангелие.

Сочуваните пишани документи и ракописи се пишувани на тамошен македонски неверојатно чист говор, но со грчко писмо. Сето ова зборува дека македонското население се стремело да се заштити од елинизација. Најистакната улога во таа насока имаат македонските преродбеници Димитар Цанко и Теодор Икономо.

Димитар Цанко бил широко образована личност, кој во триесетата година од својот живот, односно по враќањето во селото станал учител.  Неговата просветна активност траела се до смрта. Цанко познавал повеќе јазици меѓу кои: својот македонски, старогрчкиот, новогрчкиот, албанскиот, романскиот и по малку францускиот јазик. Иако пишувал на грчки јазик или преведувал со грчко писмо, заради неговата преведувачка дејност, посебно на евангелието, како и борбата против елинизмот, дејноста на „Учителот“ ја споредуваат со преродбенската активност на Димитар Миладинов и другите македонски преродбеници.

Димитар Цанко (1814 – 1904) бил познат како „Даскало“е македонски просветен деец од Бобоштица, Корчанско 

Димитар Цанко бил иницијатор за превод на изборното евангелие од грчки на народен македонски говор. Преводот бил изведен за да се користи во неделната богослужба во манастирот Св. Богородица и во Св. Никола. Целиот кодекс содржи 47 листови, во кои се претставени три делови, а секој дел е самостоен според содржината, со исклучок на  текстот од евангелието на Матеј. Првиот дел кој го пишувал Цанко е најголем и се состои од 25 листови, додека вториот е пишуван од поп Теодор Икономо, а третиот дел е пишуван од три анонимни пишувачи. Корчанско или Бобошчинско евангелие се применувало околу 30 години, или од 1880 до 1909 година.

Ракописот останал кај поп Теодор Икономо кој бил добар раскажувач, импресивен пеач и страствен вљубеник на народното творештво на својот народ. Икономо  како свештено лице бил образована личност. Освен својот локален дијалект, тој зборувал новогрчки, албански и по малку романски јазик. Се спротивставувал како на грчката пропаганда, така и на османлиите и заради тоа  имал голем авторитет меѓу локалното население.

Поп Теодор Икономо (1831 – 1910)

Митрополитот го ценел неговиот авторитет и кога престојувал во Корча навраќал да го посети. При една посета на Бобоштица, владиката бил мошне изненаден кога го чул проповедувањето на евангелието на македонски јазик. Високиот црковен достоинственик се налутил и остро го прекорил поп Икономо. Тој му одговорил дека самиот е господар во својата црква, зашто сметал дека главните проповедни делови од богослужбата требало да се разбирливи и за неписмените и обичните луѓе. По овој настан продолжило да се чита евангелието на македонски јазик во двете цркви.

Иконому зад себе оставил богато наследство од собрани народни творби. Тие биле чувани од неговата потесна фамилија, чии потомци со љубов го пренесуваат ова наследство од колено на колено и подоцна го прават достапно до пошироката јавност./Никола Ѓурѓај