
Низа настани поврзани со одбележувањето на Денот на македонскиот јазик и 100 годишнина од раѓањето на великанот Блаже Конески, ќе бидат реализирани во следните два дена во општина Пустец, информираше македонската амбасада во Тирана.
Организатори на настаните се Министерството за надворешни работи на Република Македонија, амбасадата и Културно информативниот центар во Тирана, во соработка со општина Пустец, друштвата на Македонците во Албанија и пратеникот во албанскиот Парламент, Васил Стерјовски.
Во активностите се вклучени професори од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, Советот за македонски јазик, општина Пустец, како и училиштата од Пустец „Митре Колефски и Трајан Ѓоргијовски“.
Со програмата, на 27 и 28 мај, се предвидени повеќе настани меѓу кои, предавања на професорите од Институтот за македонски јазик наменети за наставниците кои предаваат предмети на македонски
јазик, работна тркалезна маса -100 годишнина од раѓањето на Блаже Конески, активности на дијалектолозите, разговори во врска со книгоиздателството, обезбедување на литература за наставните програми, како и музичка програма во изведба на учениците, стои во објавата на амбасадата.
Како што информираше за МИА, Стерјовски, еден од настаните ќе се одржи во селото Глобочани во музејот посветен на познатиот албански писател со македонско потекло Стерјо Спасе, кој е родум од ова малопреспанско село.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden