Во Радика по светиот крст скокнаа над 200 лица, најсреќен Александар Најдоски од Битола

Битолчанецот Александар Најдоски го фати осветениот крст во Радика, што беше положен од епископ Антаниски, г. Партениј, по повод денешниот голем христијански празник Богојавление – Водици.

Најдоски, кој е дел од оваа традиција петнаесеттина години,  ова му е вторпат како го фаќа крстот.

Бог се јави. Навистина се јави. Пресреќен сум. Посакувам многу здравје, среќа и радост на сите и благосостојба во државава, посака тој.

Овој пат имаше рекордна бројка од над 200 лица кои учествуваа во извлекувањето на крстот од бистрите води на реката Радика, кои  најпрвин присуствуваа на Божествена Литургија во храмот посветен на Пресвета Богородица во село Ростуше, со која чиноначалствуваше владиката Партениј.

На Литургијата присуствуваа голем број верници, како постојани жители така и оние кои сега живеат во други градови но со своите потомци се тука по повод овој голем празник. Дворот и храмот изгледаа прекрасно, беа преполни со луѓе кои дојдоа да го прослават Богојавлението на Господ Христос, а потоа заедно со монасите и монахињите, во голема литија се спуштија до Радика, каде што се случи големото осветување на водите и полагањето на светиот крст.

Куса но многу убава порака испрати и владиката Партениј.

За многу години. Нека бог ја излее својата благодат за да има на земјата многу мир, многу љубов и меѓу луѓето добра волја, порача владиката.

По традиција и овој пат на положувањето на светиот крст во водите на Радика присуствуваа претставници на локалната власт на општина Маврово и Ростуше, предводени од  градоначалникот Медат Куртовски, кој на Најдоски му подари телевизор.

Дар, компјутер, тој доби од Хари Локвенец,  кој 26 години ја поддржуваа оваа традиција, велејќи дека е многу радосен што Бог Бигорскиот манастир и владиката Партениј, му ја даваат таа можност.

Advertisement