Во соседството продолжува агресијата над националниот македонски идентитет

Дека постои организиран, систематски и системски зафат за бугаризација на македонскиот народ во Република Албанија потврдуваат и обидите за отворање т.н. бугарски друштва во албанските општини каде што доминантно живее македонскиот народ,финансиските средства за изучување на бугарскиот јазик, стипендиите за студентите, бугарските книги и литература со антимакедонска содржина, како и нудењето бугарски пасоши и ветување за висока заработувачка во некоја од државите во Европската Унија. Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“-Тирана, нагласува дека во изминатиов период бугарските закани и притисоци се движат во исклучително нагорен тренд, односно значајно се засилиле, а тоа се должи на пописот на населението во Република Албанија, кој започна на 18 септември.

Македонците во Албанија се соочуваат со закани и притисоци за да се изјаснат како Бугари

Заканите и притисоците врз македонското малцинство во Република Албанија станаа секојдневие, а експертите и познавачите на состојбите посочуваат дека станува збор за агресивна пропаганда што е поддржана од официјална Софија, но и од одредени бугарски приватни фондации и клубови, кои имаат изразени антимакедонски ставови. Оваа агресивна бугарска активност се надоврза на признавањето на бугарското малцинство во Албанија, откако Софија ѝ се закани на албанската влада со вето за влезот во Европската Унија. Претставниците на македонското малцинство побараа помош од албанската и од македонската влада поради бугарската агресивна пропаганда, а некои од македонските политичари и аналитичари повикаа на неодложна владина реакција заради заштита на македонското малцинство во согласност со меѓународната регулатива, како и заштита на националната самоидентификација на Македонците во Република Албанија. Досега македонската влада и Министерството за надворешни работи (МНР) не излегоа со јасен став за антимакедонската политика на Софија во Република Албанија, а нивните активности беа ограничени со повикот во кој беа охрабрени Македонците во Албанија слободно да ја изразат својата етничка, јазична и религиска припадност.

Пописот во Албанија е причина за засилувањето на бугарската пропаганда

Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“-Тирана, нагласува дека во изминатиов период бугарските закани и притисоци се засилиле, а тоа се должи на пописот на населението во Република Албанија. Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Албанија започна на 18 септември, а на последниот попис во оваа држава како Македонци официјално се декларирале 5.512 граѓани, што е удвојување во однос на резултатите од пописот во 1950 година. Во сите досегашни 11 спроведени пописи во Албанија нема ниту едно лице што се изјаснило како Бугарин, а експертите и познавачите на состојбите нагласуваат дека токму оваа состојба ја објаснува засилената антимакедонска дејност, која повеќе не избира средства и методи. Дека повеќе не се избираат методи и средства потврдуваат и активностите на бугарскиот активист Виктор Стојанов од т.н. фондација „Македонија“, кој започна јавно да им се заканува на Македонците во Република Албанија.

Вашиот заменик-градоначалник со плата од Скопје наскоро нема да биде заменик-градоначалник и вие неколкуте Македонци од Требишта ќе одите во Скопје – се закани Стојанов. Претходно претседателот на фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов, упати закана до Македонците од Пустец, предупредувајќи ги дека ќе им бидат одземени бугарските пасоши ако не се попишат како Бугари на пописот што е во тек во Република Албанија. До сите жители на општината Пустец, Албанија: Доколку сега на пописот не се пријавите како етнички Бугари, во најкус можен рок ќе ви бидат одземени бугарските државјанства, а доколку сте во постапка, веднаш ќе ви бидат прекинати процедурите. Веќе имаме еден таков случај. Размислете – им се закани Стојанов на Македонците од Пустец.

Македонското малцинство нема да потклекне на бугарските притисоци

Македонското малцинство од Република Албанија одговори дека нема да потклекне на овие закани и бугарски притисоци и сите ќе се попишат како Македонци. Ефтим Митревски од партијата Македонска алијанса нагласи дека Македонците слободно ќе им кажат на попишувачите дека зборуваат и пишуваат на македонски јазик.

Со свој став за бугарската агресивна дејност во Република Албанија излезе и македонското друштво „Илинден“-Тирана, нагласувајќи дека одредени бугарски лица слободно шетаат по градовите и селата населени со македонско население низ Република Албанија, со единствена цел да се присилуваат Македонците да се изјаснуваат како Бугари. За таквата активност на бугарските емисари јавно зборуваат Македонците, негодувајќи на говорот на омраза што тие лица го користат кон Македонците, како и користењето на децата како погодни за „подарување“ телефони и таблети, кои подоцна се користат како уцена за родителите за да се изјаснат како Бугари.

Поради екстремна агресивност, ширење говор на омраза и заканувачки пораки кон македонското население, Македонско друштво „Илинден“ -Тирана бара Виктор Стојанов да се прогласи за персона нон грата и да му биде забранет влез во Република Албанија. Имено, тој како претседател на бугарска фондација користи агресивна антимакедонска пропаганда и насилно се обидува да направи асимилација на македонското национално малцинство во Република Албанија. Ширејќи невистини и провоцирајќи со говор на омраза, Стојанов предизвикува вознемиреност кај македонскиот народ во Република Албанија во време на попис, а со тоа го загрозува и националниот суверенитет на Република Албанија – соопштуваат од македонското друштво „Илинден“-Тирана.

Потребна е институционална заштита од матичната држава кон македонското малцинство во Република Албанија

Претставниците на македонското малцинство во Република Албанија побараа помош од албанската и од македонската влада поради бугарската агресивна пропаганда и говор на омраза. Од Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) исто така беше посочено дека тие се Македонци и ќе продолжат со своите активности за унапредување на нивните права во Република Албанија, а побара и воведување македонски јазик на целата територија на Албанија.

Некои од македонските политичари и аналитичари повикаа на неодложна владина реакција заради заштита на македонското малцинство во согласност со меѓународната регулатива, како и заштита на националната самоидентификација на Македонците во Република Албанија.

На пример, од партијата на Павле Трајанов, Демократски сојуз, бараат македонската влада да ги помогне Македонците во Голо Брдо, Мала Преспа и другите населби и села во Албанија во одбраната на својот идентитет од притисокот на Бугарија. Според Демократскиот сојуз, ова прашање е од врвен национален интерес и затоа сугерираат почести посети на министри, но и стопанственици, сѐ со цел да им се помогне околу инфраструктурата, образованието, здравствената заштита и слично. Со сличен став излезе и политичката партија Левица, која повика на итна и неодложна владина реакција насочена кон заштита на македонското малцинство во Албанија во согласност со меѓународната регулатива.

Досега македонските државни институции не презедоа конкретни активност во однос на агресивната бугарска политика, која е поврзана со пописот во Република Албанија, а дејностите во овој правец беа ограничени само со видеообраќање на Бујар Османи, во кое ги повика Македонците слободно да ја изразат својата етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност./www.novamakedonija.com.mk/Д.Ст.

Advertisement