Во тајна операција во Иран убиен вториот човек на Ал Каеда

Вториот човек на Ал Каеда, обвинет за организирање на смртоносните бомбашки напади во 1998 година на две американски амбасади во Африка, бил убиен од израелски агенти во Иран во август, објави Њујорк тајмс. Вториот по ранг човек во Ал Каеда, Абдула Ахмед Абдулах, го убиле двајца мажи на мотоцикал во Техеран на 7 август, објави „Тајмс“ на 13 ноември. Абдулах познат со военото име Абу Мухамед ал Масри, се сметаше за наследник на сегашниот лидер на Ал Каеда, Ајман ал-Завахири.

Повикувајќи се на разузнавачки служби, Тајмс“ објави дека израелски оперативци го извршиле атентатот по налог на САД. Иранското Министерство за надворешни работи остро го негираше извештајот и рече дека нема „терористи“ на Ал Каеда на иранско тло.

„Од време на време, Вашингтон и Тел Авив се обидуваат да го поврзат Иран со такви групи, лажејќи и издавајќи лажни информации до медиумите со цел да избегнат одговорност за криминалните активности на оваа група и другите терористички групи во регионот“, изјави денеска портпаролот на Министерството за надворешни работи Саид Катибзаде, само неколку часа по објавувањето на сторијата на Њујорк Тајмс.

Американски официјален претставник, кој сакаше да остане анонимен, за Ројтерс, одби да потврди какви било детали од сторијата на „Тајмс“ или да каже дали има некакво учество на САД. Од Кабинетот на израелскиот премиер соопштија дека не го коментираат извештајот. Масри е убиен со неговата ќерка, вдовица на Хамза бин Ладен, син на поранешниот лидер на Ал-Каеда, Осама бин Ладен.

Advertisement