Возобновен интересот за македонистиката во Кина, САД, Кореја

Со учество на околу 70 странски македонисти и слависти од 18 држави, посветеници на македонскиот јазик, литература и култура неделава, во Охрид на 18 август ќе започне 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Пријавени се семинаристи од НР Кина, САД, Република Кореја, Италија, Франција, Грција, Турција, Полска, Словачка, Унгарија, Украина, Романија, Руската Федерација, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и од Чешката Република.

Составот на учесниците уште еднаш потврдува дека се остварува определбата на МСМЈЛК при УКИМ, македонскиот јазик да одекнува насекаде низ светот – велат организаторите на Меѓународниот семинар и додаваат дека интересот се зголемува во Албанија и во Грција. Меѓу семинаристите и оваа година ќе има и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи.

Вложувањето во нив е и влог во иднината на странската македонистика. Истовремено, значајно е што бројот на семинаристите се зголемува во споредба со претходните години, што е уште еден показател и за континуираното зголемување за македонистиката во меѓународната академска заедница, со залагања од семинарот и посветена работа на лекторатите по македонски јазик, како и со залагања на странските македонисти од странските универзитети – велат организаторите. Покрај тоа што годинава на школата ќе има учесници дури и од Кина, значајно е и што повторно ќе има семинаристи и од САД, Република Кореја и Италија.

Со тоа се покажува дека возобновениот интерес за македонистиката веќе има континуитет и во тие културни средини. Меѓу другото, од Турција и годинава, покрај семинаристи од Истанбул, ќе има и семинаристи од Анкара, каде што македонистиката се воведе пред две години, додека учеството на семинаристите од Албанија е важно и поради тоа што изминатиов период се интензивираа активностите и за повторно отворање лекторат по македонски јазик во Тирана, каде што има забележлив интерес за македонистиката. Истовремено, континуирано се зголемува интересот за изучување на македонскиот јазик од семинаристи од Грција. А еднакво значајно е и што продолжува интересот и од земјите од кои традиционално, со децении, непрекинато има учесници на школите – велат од организацијата.

И за ова издание на школата е конципирана програма што се очекува на странските македонисти и слависти да им овозможи нови сознанија за македонскиот јазик, литература и култура и да ги поттикне на натамошни истражувања посветени на македонистиката. Од нивното пристигнување во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, на 17 август, па до 31 август, предвидено е семинаристите на школата да следат лекторска настава и веќе се организирани лекторски групи за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик.

На школата ќе се одржат и предавања на еминентни истражувачи, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура, дел од нив во чест на важни јубилеи: 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков, 120 години од Илинденското востание и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов.

Во рамките на школата ќе биде организирана и јазична работилница, а за семинаристите што се интересираат за македонскиот фолклор, традиционално, ќе се одржи и курс по македонски ора. Во рамките на школата ќе се одржат и промоции на значајни книги, книжевни средби и интерактивни настани, а семинаристите ќе бидат специјални гости и на 35. издание на традиционалната меѓународна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“.

Advertisement