Врховниот водач на Бекташите, Баба Монди, го назначи првиот амбасадор на „новата држава“ во Албанија

Додека дискусиите за новата бекташка држава и понатаму се тема на денот, врховниот водач на Бекташите, Баба Монди, не губи време, туку почна со нејзината организација, објавија албанските медиуми.
Суверената држава на редот Бекташи преку соопштение објавила дека назначила „специјален амбасадор кој ќе биде задолжен за секое дипломатско претставништво, прашање или барање за новата држава во Албанија“.
Сакаме да ве информираме дека отсега сите соопштенија и прашања во врска со суверената држава на редот Бекташи треба да се упатуваат до соодветниот претставник. Особено, за секое дипломатско претставништво, прашање или барање за организирање состаноци или дискусии во врска со суверената држава на редот на Бекташите. За специјален амбасадор на суверената држава е назначен Ник Грезда, стои во соопштението.
Се додава дека „амбасадорот Грезда е назначен да ги реши сите овие прашања и е најсоодветен за решавање на кое било прашање поврзано со суверената држава на редот Бекташи“.
Идејата за трансформација на Центарот за светски поредок на Бекташите во „суверена држава во Тирана, која ќе функционира по примерот на Ватикан“, ја објави албанскиот премиер Еди Рама, во говорот на 79-то Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, откако тоа претходно го направи во интервју за „Њујорк тајмс“.
По лавината реакции во земјата, чиј заеднички именител е „несогласување“, со образложение дека ќе ја наруши верската и меѓуверската хармонија, Рама вчера преку објава на социјалнте мрежи порача дека е „ дојдено време оваа идеја да се спроведе“.
Advertisement