За Бугарија решението за сите проблеми е Македонците да ги снема, вели Стојков од ОМО “Илинден”-Пирин

Македонското малцинство во Бугарија не очекува решение за регистрација на македонски здруженија и покрај најавите на Јотова дека таа сага набрзо ќе заврши. Првиот човек на ОМО “Илинден”-Пирин, Стојко Стојков, вели дека недовербата останува бидејќи, како што вели, „политиката на Бугарија е насочена кон негирање и постепено бришење на македонскиот идентитет“, за кој властите во Софија, според Стојков, сметаат дека никогаш не постоел.

Во очите на официјална Софија, според Стојков, решението за сите проблеми е да ги снема Македонците. Тој повика македонските власти „да не дозволат политика на виткање кичма“ и да не се прават компромисни отстапки.

И покрај засилениот мониторинг од Комитетот на министри врз Бугарија, бугарските власти одбиваат да ги спроведат пресудите, дециден е Стојков.

Тој денеска беше назначен за надворешен член на МАНУ, а од академиците беше истакнат неговиот придонес во борбата за правата на македонското малцинство во Бугарија.