
Кабинетот на поранешниот Претседател на Република Македонија 2009-2019, проф. д-р Ѓорге Иванов, информира дека синоќа (12.11.2021 година) започна 12-тата Меѓународна обука за млади лидери на Претседателот Иванов. Дванаесеттата Школа за млади лидери на Претседателот Иванов, на тема „Лидерство во акција“, се одржува во периодот 12-27 ноември 2021 година во комбинирано издание, онлајн и со две сесии со присуство во живо, едната во Скопје и втората сесија на свечено затворање во Охрид. Школата има четириесет учесници и петнаесет предавачи од Македонија и од странство.
Претседателот Иванов ја отвори 12-та Школа за млади лидери и на почетокот истакна зошто генералната тема на овогодинешната школа е „Лидерство во акција“, надоврзувајќи се на минатогодишната тема „Лидерство во услови на глобални кризи“. Во своето обраќање тој зборуваше за глобалните светски процеси и предизвици од политички аспект, аспект на екологија, бизнис, енергетика, пандемијата со ковид.
Нагласи и дека секоја цивилизација не е уништена од други, туку самата себе се уништува. Уништена е природата, намалени се природните ресурси, но сепак ова е период во кој мора да се најде сила и да се наоѓаат нови креативни решенија, кои ќе одговорат на предизвиците. Иванов пред учесниците говореше и за тоа дека највозвишена слобода на еден народ е кога ќе ја создаде својата држава, а улогата на државата е да создаде нација, а улогата пак на нацијата е да ја чува државата за чие опстојување неопходни се национални институции.
Претседателот Иванов даде свои видувања за развојот на градовите, индустријата и нивното прилагодување на потребите на светската популација во наредните 10 години. Се осврна и на тоа дека сѐ повеќе жени во периодот на 20-тиот век се образувале и затоа и сѐ повеќе, особено во оваа деценија тие ќе заземаат клучни менаџерски, раководни и лидерски позиции. Во своето обраќање поранешниот претседател се задржа и на сѐ поактуелнoто прашање поврзано со екологијата, како и со можните енергетски предизвици.
Тој истакна дека за сите овие актуелни состојби на кризи и големи промени, потребно е повторно враќање на моралното лидерство со луѓе кои ќе имаат цел да ја вратат надежта за благосостојба. Претседателот Иванов нагласи дека во човековата историја секогаш било и ќе остане дека искреноста, посветеноста кон иднината, компетентноста и стручноста, инспиративноста, интелектуалната храброст, слободоумноста, чесноста и посветеноста кон младите генерации биле и останале вредности и доблести кои ги одликуваат лидерите кои останале и ќе остануваат препознаени од сите генерации.
На свеченото отворање на Школата, покрај претседателот Иванов, своја порака до учесниците упати и Министерот за надворешни работи на Република Турција, г. Мевлут Чавушоглу, кој рече дека со задоволство ја прифатил поканата од Претседателот Иванов бидејќи и двајцата го споделуваат уверувањето дека денешната младина има потенцијал за иднината и дека треба да се препознае и поттикне тој потенцијал. Нагласи дека денес сѐ појасна станува потребата од силно и визионерско лидерство. На младите учесници, како можни идни лидери, им порача дека деновите на нивното лидерство ќе дојдат побрзо од тоа што тие очекуваат.
Споделувајќи примери од неговото искуство на високи и одговорни позиции, им даде неколку совети на учесниците и препораки за успешно лидерство, како тоа дека успешниот лидер мора да работи според морален компас и да биде доверлив и сигурен, дека добриот лидер треба да воспостави балансирани односи дека успешниот лидер мора да се прилагоди на променливите услови, затоа што промените се случуваат многу побрзо од порано.
На крајот во своето предавање, министерот Чавушоглу истакна дека се соочуваме со тежок момент во историјата, и дека климатската криза, зголемените нееднаквости и масовното раселување ги предизвикуваат лидерите на утрешнината да бидат жестоки и имагинативни. Да ги носат своите одлуки врз основа на нивното срце и ум, но и да го практикуваат она што го проповедаат, да бараат рамнотежа во односите и да се прилагодуваат на промените. Посакувајќи им успешно учество на Школата, им порача на учесниците да бидат спремни да научат што повеќе од превадачите, и со сопствената мудрост и идеали, да бидат чекор поблиску до нивната цел.
На утрешната сесија, ќе се обрати Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, кој ќе одржи предавање за учесниците на генералната тема „Лидерство во акција“. Меѓу предавачите на овогодинешната Школа за млади лидери на Претседателот Иванов се Сани Шенер, главен извршен директор и Претседател на „ТАВ аеродроми“; Рза Алијев, Менаџер за развој и имплементација на политики, стратегија и одржливост во компанијата Бритиш Петролеум и член на Бордот на World Monuments Fund; Рашела Мизрахи, пратеник во Собранието на Република Македонија; Ендру Пејкоф,
Претседавач на компанијата Niagara Bottling LLC; Јордан Битов, Ко-сопственик и издавач, Torstar Corporation, и основач и ко-сопственик на Nordstar Corporation; Елизабет Наумовски, Заменик претседател за маркетинг во компанијата Caldwell Securities Ltd. и добитник на повеќе награди како застапник за финансиска писменост; Џери Наумоф, Претседавач на Бордот на компанијата Taskforce; Методија Колоски, Ко-основач и Претседател на Обединета Македонска дијаспора; Зоран Костовски, Директор на компанијата за деловна едукација, менаџмент консалтинг, образование и обука „Мотива“; Хозе Антонио Моралес, Извршен директор на компанијата Lincoln Iceland Company LLC. Свечено затворање на Школата за млади лидери се планира во Охрид на 27 ноември 2021 година.
Школата за млади лидери е иницијатива на претседателот Ѓорге Иванов која започна на почетокот на неговиот прв мандат. Првата Меѓународна обука за млади лидери се одржа во 2010 година. Оттогаш, во текот на досегашните 11 обуки, учествуваа околу 440 млади луѓе од земјата и од странство, со различен академски и професионален фокус. Пред единаесетте генерации учесници на Школата за млади лидери, предавања одржаа над 220 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, проектот Школа за млади лидери на Претседателот Иванов, е прогласен за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden