Заврши посетата на директорот на КОВЗРГ Сотировски на Албанија

Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) од Македонија г. Даријан Сотировски на 28. октомври во Корча се сретна со неговата колешка г-ѓа Лорета Алико при што започна неговата дводневна работна посета на Албанија.

Во главниот град Тирана, г.Сотировски во придружба на в.д. амбасадор на Македонија во Албанија г. Сашко Ташулов и со македонскиот свештеник отец Илија Мазнику од Голо Брдо се сретна со Неговото Блаженство г.г.Анастасиј, митрополит на Тирана и Драч и архиепископ на Албанската православна црква (АПЦ). На средбата со архиепископот г.г.Анастасиј биле разменети мислења во духот на единството меѓу православните верници и за градењето на мостови на разбирање меѓу братските народи.

Сотировски во Тирана оствари средба и со монс. Џорџ Френдо, надбискуп на Католичката црква во Албанија и на католичкиот центар Каритас во Тирана. Монс. Френдо неизостави уште еднаш да ја пофали успешната организација од пречекот на папата Франциск на Македонија во мај годинава.

Во рамките на посетата на Тирана директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи г. Даријан Сотировски оствари средба и со г. Таулант Бица, потпретседател на Исламската верска заедница на Албанија кој во својство на домаќин му ги пренесе поздравите на срдечно добредојде од име на реисот Бујар Спахиу кој деновиве е во работна посета на Саудиска Арабија.

Со оваа средба заврши посетата на директорот Соторовски на Албанија која од албанската и македонската јавност е оценета како успешен пример и чекор кон градење на меѓусоседските односи не само меѓу Македонија и Албанија туку и во регионот.

Advertisement