Здружението на Мавровско-Горнореканскиот регион упати остар протест до Собранието на Република Македонија со барање да престанат лагите

Здружението на Мавровско-Горнореканскиот регион упати остар протест до Собранието на Република Македонија со барање да престанат лагите, навредите и фалсификувањата на историските факти до страна на пратеникот Бранко Манојловски, кој е со потекло од село Кичиница во Мавровско-Горнореканскиот регион во општина Маврово-Ростуше.

Во протестот се вели: Во селата од Мавровско-Горнореканскиот регион Дуф, Маврови Анови, Маврово, Леуново, Ниќифорово, Врбен, Богдево, Кракорница, Бродец, Ничпур, Сенце, Беличица, Нистрово, Кичиница, Волковија, Трница и други, нема Албанци со православна вероисповед, туку има и имало Македонци со православна христијанска вероисповед и малкумина Албанци со муслиманска вероисповед.

За ваша информација, во ниедна црква од овој регион не се богослужело на албански јазик, туку литургијата се служела на старо-словенски, српски и македонски јазик. Во ниту една црква во овој регион не постои фреска и икона на која е напишано албанското писмо! Првиот поглавар на Македонската Православна Црква Неговото Блаженство г.г. Доситеј, Аерхиепископ Охридски и Македонски, деклариран Македонец, е роден и крстен во овој регион, во село Маврово.

Познатиот Бигорски манастир “Свети Јован Крстител“ никогаш не бил управуван од албанско православно население! Според анкетите, истражувањата и анализите од страна на Здружението, во Македонија живеат околу 50.000 жители кои се родени или се по потекло од Мавровско-Горнореканскиот регион, а исто толку сонародници живеат надвор од Македонија во светот, од кои повеќето во Србија и Босна и Херцеговина.

Според турските дефтери, пописите на Кралството СХС, пописите во СФРЈ и пописите во Република Македонија, во овој регион никогаш не се регистрирани Албанци со православна вероисповед! Дури и фолклорот на Македонците е целосно различен од фолклорот на Албанците кои се со потекло од овој регион.

Како Здружение, сакаме да Ве известиме, дека Македонскиот народ од овој регион со векови се борел со сите средства да го сочува својот идентитет и вера и покрај тоа што бил изложен на жестоки асимилаторски тортури од страна на странски војски и разни балистичко-качачки банди. Но, како што може да се увериме и денес, со помош на разни пропагандни средства и наши изроди за лични интереси, продолжува да се врши асимилација и фалсификување на историјата.

Нашите претци ни оставија аманет да си го сочуваме македонскиот идентитет и нашите традиции: црквите со свештениците, учесниците во Карпошовото востание, учесниците во Илинденското востание, учесниците во Наационално ослободителната борба – Живко Брајковски, Чеде Филиповски, Злате Малаковски, Денче Дејановски, Милан Игњатовски и други познати борци, учители, професори, академици, од кои најпознатиот научник и физичар Паскал Сотировски од село Врбен деклариран како горд Македонец! Ние, како Здружение, не сме против Албанците православни, но сме против и жестоко ќе реагираме, ако некој во име на овој регион од општина Маврово-Ростуше се обидува да го разнебити Македонскиот народ!

Ние, граѓаните на Месната заедница на село Кичиница, сплотени како никогаш досега, а револтирани од многубројните написи по медиумите и молкот од страна на институциите и политичките партии во врска со регистрацијата на Албанска православна заедница во Република Македонија, најостро ги осудуваме шпекулациите дека жителите во Горна Река и во село Кичиница се православни Албанци а во нашата црква било кога се богослужело на албански јазик, што е потврдено со многу докази.

Се разбира, секој има право да се изјасни за неговата национална припадност. Ако некој од нашето село се чувствува за Американец, Албанец или Пакистанец тоа го сметаме за негово лично право, но тој тоа може да го каже само за себе, а не и во име на другите мештани од Кичиница и нивните семејства, во име на селото или на целиот Горнорекански регион!

Историјата, низа години наназад, по наше паметење и по кажувањата на нашите претци, не памети дека во нашето село Кичиница и во нашата црква “Свети Никола“ се богослужело на албански јазик.

Ова го надополнуваме и со фактот дека тричлена комисија при Месната заедница на село Кичиница ја прегледа целокупната литература на библиотеката на црквата “Свети Никола“ и не откри ниту една книга напишана на албански јазик што би фрлило сенка на сомнеж за нашето македонско потекло.

Во името на претседателството на Месната заедница на село Кичиница најостро го осудуваме предавничкото однесување на поединци кои сакаат да го зацрнат целиот Мавровско-Горнорекански регион за свои лични интереси! Заедно со дописот од триесетина села од Горна Река испратено и до Македонската Православна Црква на 24 декември 2016 година!

Advertisement