
Дигиталните Ковид сертификати од Албанија ќе бидат прифатени во земјите од Европската Унија. Ова денеска го потврдија од Европската Комисија. Освен за Албанија, ЕУ даде зелено светло за сертификатите од Андора, Израел, Мароко, Монако, Панама и Фарските Острови.
Со оваа одлука патниците од овие седум земји ќе можат да патуваат во ЕУ под истите услови како и другите земји членки на Унијата, иако секоја земја членка има право да одбие или да побара дополнителни услови. Седумте земји за возврат исто така се заложија дека ќе ги прифатат сертификатите на граѓаните на ЕУ.
Ковид сертификатите се потврда дека лицето кое патува е вакцинирано, негативно на Ковид или дека ја прележало болеста неодамна. Еврокомесарот за правда, Дидие Рејндерс, ја поздрави оваа одлука и нагласи дека од јуни, кога е воведен овој дигитален пасош, 420 милиони сертификати се издадени во ЕУ, олеснувајќи го слободното движење на луѓето и фирмите.
Го поздравувам фактот што сѐ повеќе земји надвор од ЕУ се приклучуваат на нашиот успешен систем. Вкупно 42 земји, 27 земји членки на ЕУ и 15 земји кои не се членки на ЕУ, сега учествуваат во системот за дигитален Ковид сертификат како меѓународен стандард, рече Рејндерс. Европската Комисија ќе продолжи да работи на прифаќање други трети земји во својот систем.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden