Зеленски пристигна во Тирана за самитот Украина-Југоисточна Европа

Претседателот на Украина Володимир Зеленски доцна синоќа, нешто по 23 часот пристигна на меѓународниот аеродром во Тирана, што е негова прва посета на Албанија.

Беше пречекан од министерот за Европа и надворешни работи Игли Хасани, по што под силно полициско обезбедување, тој и делегацијата беа сместени во хотел во непосредна близина на конгресната палата, каде ќе се одржи самитот Украина-Југоисточна Европа.

Голема чест да му посакам добредојде на претседателот Зеленски во Тирана. Клучен момент за унапредување на билатералните врски и солидарност со Украина во нејзината херојска борба против руската агресија, напиша Хасани на Платформата „Х“.

Според, синоќа објавената агенда Зеленски денеска во 9 часот во Владата ќе биде примен од премиерот Еди Рама.

По средбата Рама-Заленски, во 9:30 часот планирана е билатерална средба меѓу двете делегации на која ќе биде потпишан договор, но не се прецизира за што станува збор.

Во 11 часот, Рама, во конгресната палата, ќе ги дочека учесниците на самитот каде потоа ќе се одржи настанот на кој на почеток ќе се обратат Рама и Зеленски а во 13:30 ќе одржат заедничка прес-конференција.

На самит на кој е најавено учество на 13 европски лидери, вклучително и шестмината од Западен Балкан, како и претставник на ЕУ, турскиот претседател Реџепи Таип Ердоган ќе се обрати преку видео врска.

Според медиумите, иако поканети, нема да присуствуваат грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и косовскиот Албин Курти. Грција ќе биде претставена на дипломатско ниво, а Косово од претседателката Вјоса Османи.

Вториот ден од самитот, 29 февруари ќе биде посветен на планот за економски раст на регионот, забрзување на реформите и вложување инвестиции кои можат да го унапредат процесот на проширување на Европската унија со овие земји. На оваа средба ќе присуствува и комесарот за добрососедство и проширување на ЕК, Оливер Вархеји.

Безбедносните мерки во Тирана од вчера се подигнати на највисоко ниво. Ангажирани се над 1600 полициски службеници од сите сектори, потоа единицата за брзо распоредување, специјалната единица „Ренеа“, националната гарда, тајната служба, Шиш и други структури.

Advertisement