Железна црква „Свети Стефан“ во Истанбул изградена од Македонци (втор дел)

Овој текст е продолжение на текст “Железна црква „Свети Стефан“ во Истанбул изградена од Македонци”. Православната црква „Свети Стефан“ позната како Железна црква се ноѓа во населба Балат, Истамбул (Цариград) која пред 1912 година била изградена со парите на охриѓаните, ресенчаните, велешаните и македонци од егејска македонија. Исто така, малкумина знаат дека во дворот на црквата се погребани многумина познати историски фигури меѓу кои и Партеније Зографски кој бил првиот македонски учебникар, филолог, фолклорист, еден од најистакнатите културни и црковни работници од 19 век во Македонија и прв македонски митрополит.

Ќе дополниме делот како и од кого се изградила, но колку да ја впотполниме сликата, ќе дадеме и податоци за историските настани што ја условиле нејзината појава и нивните последици за македонскиот народ. Имено, нејзината појава треба да се поврзе со еден друг клучен настан за македонската историја укинувањето на Mакедонската црква – Охридската Патријаршија. Затоа, ќе го опишеме накратко периодот од укинувањето на Охридската Патријаршија до појавата на Железната црква, и потоа и последиците од настаните што се случиле во него. Како што е извесно, тоа е познат и многу важен настан, кој и самиот Прличев го опеал во една своја поема. Тој е поподробно опишан во една позната студија на Стефан Веркович (С. И. Верковичъ,1888 година Топографическо-этнографическıй очеркъ Македонıи, С. Петербургъ, Военная Типографiя (въ зданiи Главнаго штаба). Во воведниот дел на таа студија (на стр. 4). Веркович го пишува следното: „Целата писменост, просвета, а и книжевност и литература биле во рацете на Охридската Патријаршија, која поседувала систем според кој во секој нејзин манастир имало семинарија што не само што ги воспитувала младите туку и чувала и создавала и богата писменост, создадена пред и во текот на турското робство.

До укинувањето на Патријаршијата, тие семинарии биле преполни со црковни книги. Сето тоа било уништено со еден потег, како со замавнување на волшебно жезло“ За таа цел, во времето на патријархот Самоил и Рига Ферејски, значи некаде во времето на основањето на Хетерија, ја накодошиле Охридската Патријаршија дека преку своите свештеници и учители подготвува сенароден бунт за отфрлање на турската власт. Турската власт пак, без никаква проверка на оваа клевета, ја укинала патријаршијата, го прогнала Патријархот од Охрид и му ја предала духовната власт на константинополскиот Патријарх (стр. 6-9). Тоа што го опишува Веркович во овој пасус, всушност, го објаснува и американската историчарка Барбара Јелавич во својата студија History of the Balkans, Volume 1, Eighteen and Nineteenth Centuries, Cambridge University Press 1983 (на стр. 107).

Таа таму го наведува дека Грците, кои во тоа време веќе биле ослободени од турската власт, смислиле да ја преземат духовната (т.е. црковната) власт на Балканот. Контролата над црковната власт им била потребна за да ги учат балканските народи преку Црквата дека сите се Грци. Откако ќе го постигнеле ова пак, намерата им била со сето тоа многубројно асимилирано грчко население да кренат едно големо востание на Балканскиот Полуостров. Така ќе имале двојна корист: и ќе ја отфрлеле турската власт, и веднаш ќе го имале освоено целиот Балкански Полуостров за себе, бидејќи сите народи ќе се чувствувале Грци. За таа цел, првата црква што им пречела била македонската црква, т.е. Охридската Патријаршија. Затоа, го накодошиле охридскиот Патријарх дека има намера да крене востание во Македонија. По ова, охридскиот Патријарх бил уапсен и погубен, а Охридската Патријаршија укината. Еве како го опишува Веркович тој настан (на стр. 5-6): „Војска го опколила домот на Патријархот и таа вест се проширила како молња низ градот. Луѓе веднаш дошле и нуделе сѐ што можеле за да поткупат; но не успеале. Кога ја чуле причината, крвта им замрзнала од таква клевета од црковни лица и пратиле луѓе низ сите други предели за да ги предупредат и другите навреме да се заштитат.

Луѓето претпочитале да примат муслиманска вера и да бегаат низ планини, само за да не се потчинат под Грците. Епископот на Меглен, Иларион, бил толку изумен од таа постапка што и самиот го оставил христијанството и прешол во ислам и ја советувал својата паства да го следи тоа. Тие навистина и го следеле својот духовник и по негов совет, ги криеле словенските книги на скришни места“. Така, Турците поверувале во грчката лага, ја укинале Охридската Патријаршија, Грците ја презеле својата власт и почнале со својот план: фанариотските свештеници ги замениле словенските книги со грчки, словенските ги купувале за мали пари и ги уништувале. И го учеле населението дека е грчко. Но кога по две години виделе дека истото се случува и со Пеќската Патријаршија – односно дека Грците ја преземале на истиот начин и почнале да го учат и српското население дека било грчко, Турците сфатиле што имале Грците на ум. Сфатиле дека со толку многу „Грци“ на Балканот ги чека општо востание и дека грчката црква (а преку неа и грчката држава) брзо ќе го организирала тоа. Но, веќе било доцна.

Во Македонија пропагандата зела голем замав. Веркович (на стр. 9 од споменатата статија) пишува дека „Успехот бил толку молневит што дури и во времето кога поколението што го видело падот на Охридската патријаршија. А пропагандата пак, била толку успешна и надвор од Македонија. Истовремено, опасност за нив во Македонија биле и самите Македонци. Приближно во ова време и тие ја основале својата револуционерна организација. Таа организација подоцна Д. Хаурен Смит, дописник на Њујорк ивнинг пост во Македонија (според нашиот историчар Христо Полјански, во студијата Македонското прашање, издание на Култура 1990, на стр. 330) ќе ја опише на следниот начин: „Надвор од Балканот се верува дека ВМРО е едно тајно друштво, едно соединување на револуционери. Таа не е ни едното ни другото. Главата на македонската организација не е ништо друго, туку тајно избран сенат од народот на една забранета република. Во средината на Турција, во срцето на една управа што се распаѓа, се јави една беспогрешна организација, која всушност е исто така совршена, како што е таа на еден слободен народ, што сам се управува. Има македонска полиција, македонски суд, македонска милиција, македонски училишта и весници и македонска пошта – има сѐ, макар што турската влада прави најголеми усилби да ја уништи.

Таа организација барала автономија за Македонија; но како што како што е забележано во трудот istorija Osmanske Civilizacije,( Orijentalni Institut, Sarajevo 2004), Турците претходно дале автономија на Крит, па островот бил загубен за нив. Од таа причина, овојпат се решиле на поинаков чекор: да произведат судир меѓу Бугарите и Грците и така да си го решат прашањето. За таа цел, објаснува Јелавич (стр. 374 од горенаведеното дело) издале ферман за основање на независна бугарска црква, кој бил условен со членот X, според кој ако 2/3 од населението во некоја област ја избере бугарската црква како своја црква – да му се овозможи тоа право. И така, Бугарите почнале да се борат македонското население да ја бира бугарската црква како своја. Да не заборавиме дека автономна, македонска, немало и дека претходно била укината, и за македонското население поприродно и полесно било да ја бира бугарската црква, бидејќи и според јазикот и според народот, таа му била поблиска од грчката. Со тоа што Македонците ја бирале бугарската црква, Грците го губеле населението на теренот и не можеле да го кренат своето планирано општо востание, за кое пишува американската историчарка Барбара Јелавич. Но сега Бугарите почнале да го прават истото што и Грците го учеле македонското население дека е бугарско. Се разбира, насетувајќи ја нивната историска можност, во иднина и нивниот план бил да го искористат своето и македонското население за едно општо востание и да освојат голем дел од балканската територија.

Што се однесува на Османлиската Држава, пак, таа подгревајќи ги желбите на Бугарија и осигурила судир меѓу Бугарите и Грците и добила сојузник во бугарската држава во борбата против македонската револуционерна организација. Вака си го обезбедила постоењето уште некое време.Така, дојдовме до Железната црква, која е изградена речиси еден век откако била укината автономната македонска црква (Охридската Патријаршија). Имено, и самиот начин на нејзината изградба веројатно сведочи за желбите на турската власт да ги засили позициите на бугарската држава. Како што беше опишано во претходниот текст, таа била нарачана од Виена, изработена од врвни мајстори и инсталирана во рекордно време. А и самата нарачка токму од Виена, и подготвеноста на Виена да помогне таа брзо да се воспостави, може да се должи на тоа што и на Виена, како природен непријател на Грците, ѝ одговарало Грција да не направи толкава држава на Балканот. Турскиот султан (Абдулазиз I) во тоа време имал добри односи со Виена, меѓу другото и поради тоа што му била сојузник во оваа негова борба против Грците. Нејзината изградба и овие настани ги опишува студијата на бугарскиот автор Христо Темелски, Българската Светиня на Златния Рог, Фондация „Български православен храм Св. Стефан в Цариград“, София 2005. Инаку, самата црква е резултат на стремежите на македонска колонија во Истанбул да има своја црква, која во средината на 19. век броела околу 50.000 луѓе, главно занаетчии и трговци, но и културни дејци. Есента 1849 тие конечно се здобиле со тоа право, и за таа цел кнезот Стефан Богориди, официр во Османлиската Империја, отстапил две свои камени и една дрвена куќа во делот Фенер од градот.

Првично се размислувало за Ункапани, но со оглед што тоа било подалечно место во еврејско маало, изборот паднал на Фенер, во кој и така имало православна црква. Инаку, тоа што е малку познато е дека првичниот проект бил да се изгради голем камен храм Света Троица, и за таа цел бил повикан архитектот Стефан Калфа, кој бил прилично познат во тоа време (ја проектирал зградата на Високата порта, на пр.). Но подоцна, овој проект бил напуштен и биле изградени три параклиса, од кои едниот требал да прерасне во велелепен триипостасен храм посветен на Св. Тројца, Св. Стефан и Св. Кирил и Методиј. За оваа цел се преговарало со италијанските архитекти, браќата Фосати, но и тој проект бил напуштен, па се изградил само едниот парастос, кој подоцна прераснал во црквата Св. Стефан. Сето тоа останало забележано од првомајсторот, абаџија Никола Сапунов. Така, во 1849 османлискиот Султан издал и официјален ферман со кој се дозволувало Македонците во Истанбул да имаат своја црква и долниот кат на дрвената куќа бил претворен во параклис, кој бил осветен од Созоагатополскиот Митрополит. Потоа параклисот прераснал во самостоен храм, познат како Дрвена црква посветена на првомаченикот Стефан, кој следната (1850 г.) прераснал во голем метох со 25 соби.

Македонците што работеле на нејзиното создавање со радост го очекувале тоа, бидејќи ги подгревала нивните надежи за црковна и духовна слобода. Со оглед на потребата за повелелепен храм, по иницијатива на Егзархот Јосиф I почнала изградба на нов храм, чиј камен темелник бил положен на 27 април 1892. Неговата изградба му била предадена на ерменскиот архитект Ховсеп Азнавур, кој со оглед што местото било насип, предложил таа да биде од железни делови. Тие пак, биле изградени во фирмата на Рудолф фон Вагнер во Виена, која веќе имала вакви прочуени проекти и која ја изградила куполата на Рајхот, на пр. Црквата била завршена и склопена во 1896 год., но со оглед што иконостасот бил изработен по католички образец, во Москва бил изработен нов, по православен стил. Изработката ја направил московскиот фабрикант Николај Алексиевич Ахапкин. Иконите пак, ги испишал московскиот иконописец Лебедев, а во Јарославл, во фабриката на Оловјанишиков, биле изработени и шест камбани со различна големина. Со тоа, Бугарската егзархија и македонските трговци во Истанбул, нејзините главни донатори, се здобиле со велелепна трикорабна базилика во источноправославен стил. Постојат и документи за нејзините дарители, и некои од нив, на пр., се Архимандрит Иларион, Ахримандрит Партениј, Свештеник Иларион, Свештеноѓакон Пајсиј, трговецот Христо Т’пчилешчов, Георги Раковски, Гаврил Крстевич, Сава Филаретов итн.  Инаку, таа е единствената железна источноправославна црква. Колку за споредба, вакви цркви воопшто има малку во целиот свет и попознати од нив се во Даугавпилс во Латвија, во Ариџа во Чиле, Тачна во Перу, Манила во Филипини, Санта Розалија во Мексико и Греша во Костарика. И во нејзиниот двор лежат Авксентиј Велешки, Партениј Зографски, и други познати македонски дејци. Што се однесува на последиците од ова турско подгревање главно на бугарските аспирации, тие се познати. Навистина, Турците успеале да си ја задржат територијата уште некое време, но за Македонците тие биле катастрофални.

Противставените страни, Бугарија и Грција, која подоцна влегла во сојуз со Србија против првата, со заеднички напори ја уништиле македонската револуционерна организација; духовната власт (црквата) била уништена претходно, и народот останал без световна и духовна власт. Истовремено, двете страни преку црковните школи, вршеле духовна асимилација. Не е чудо што одреден број луѓе и поверувале дека се Бугари, како што претходно поверувале дека се Грци. Сепак, најголемиот број Македонци никогаш не се повеле ниту по едната, ниту по другата духовна пропаганда. Железната црква на тој начин, некако го симболизира ова премреже на македонскиот народ; со начинот на својата изградба, таа покажува дека бугарската држава вршела асимилација во Македонија; институциски, со оглед на тоа што била во рамките на Бугарската егзархија, таа ѝ припаѓа на Бугарија; но, била финансирана, изградена и посетувана од Македонци, и во нејзиниот двор лежат Македонци, кои работеле за својот народ. Така таа, како институција ѝ припаѓа на бугарска црква, но духовно, материјално и верски ги одразува желбата и надежите на македонскиот народ за своја сопствена духовна и световна власт. Нашето слепило, нашето омаловажување посебно на нашето градителско наследство и нашата негрижа кон нашите дејци, остава простор некој друг да ја препишува историјата и таа да ја презентира како своја.

Advertisement