Златко Ориѓански директор на Културниот центар на Македонија во Тирана

Музичарот Златко Ориѓански ќе биде првиот директор на новиот Културно-информативен центар на Македонија во Тирана. Овој предлог е усвоен на вчерашната владина седница.

„Предлогот доаѓа по потпишаната Спогодба помеѓу Владата на Македонија и Советот на министри на Албанија за основање Културно-информативен центар на Република Македонија во Тирана и Културно-информативен центар на Република Албанија во Скопје“.

Културно-информативните центри на Македонија и Албанија, според Спогодбата, се формираат за да организираат во своите простории библиотеки и читални, да издаваат или увезуваат публикации кои се однесуваат на културните и научните информации од својата земја.

Понатаму, задолжени се да прикажуваат филмови во и надвор од своите простории, со посредство на институциите надлежни за тоа во земјата домаќин, да организираат во своите простории литературни, научни и други предавања пропратени со визуелни илустрации или музички изведби, како и да организираат во своите простории секаков вид изложби.

Културно-информативните центри ќе можат да даваат информативни услуги за заинтересираните граѓани на двете договорни страни, како и на граѓани на трети држави, ќе бидат задолжени да објавуваат и да дистрибуираат информативни билтени, за настаните и манифесатциите организирани од центрите.

Тие ќе поддржуваат размена на телевизиски и радио програми во согласност со веќе склучените договори. Договорните страни, според Спогодбата си укажуваат помош врз база на реципроцитет за изнаоѓање на просторија, зграда или терен, соодветни за дејноста на Културно-информативен центар.