1000 км на точак за 1000 години Бигорски манастир

Деновиве, на наша голема радост се случи уште еден спортски подвиг – 1000 км., на точак за 1000 години Бигорски манастир. Имено, познатата спортистка, активиста и хуманистка, Мими Стојановска од Струга, во период од неколку дена извози 1000 км., на точак во чест на големиот Јубилеј, од кои последните 80 км., од Струга до Бигорски. Бескрајно и’ благодариме за оваа голема чест и љубов кон нашето десетвековно Светилиште и и’ посакуваме уште многу нови спортски и хумани предизвици со кои ќе Го слави Бога.
Ви ги пренесуваме нејзините впечатоци од ова прекрасно спортско искуство:

Спортот како нераскинлив дел од моето постоење постојано ме инспирира кон нови животни предизвици. Од таа инспирација, пред извесно време произлезе и проектот „Преку физичка активност да го промениме светот“. Многу е важно во сите спортски активности, исто како во животот, да поставиш јасна цел што сакаш да ја постигнеш. На тој начин борбата и мотивацијата е уште поголема.

Годинава се одбележува големиот Јубилеј 1000 години од постоењето на Бигорскиот манастир! Но, за мене, како духовно чедо на ова светилиште, е огромна радост да живеам во време кога се одбележува 1000-годишнината од непрестајната духовност која извира од храмот на Претечата и крстител Јован, под чија што закрила се делата на едно големо срце од кое постојано се излева љубовта – срцето на отец Партениј, игумен на Бигорската Обител и епископ Антаниски.

Пробувајќи да ги спојам подвизите во спортот со духовните подвизи, дојдов до идеја што многу ми се вклопи во мисијата „Преку спорт да го промениме светот“ – 1000 км., на велосипед за неколку дена, а во период од почеток на јули до почеток на август, посветени за 1000 години Бигорски манастир. Последните 80 км., на точак од Струга до Бигорски… Инспирирана од љубовта, радоста и духовната енергија од моите најдраги монашки срца, душата ми беше постојано нахранета со преголемата љубов да го споделам овој подвиг со нив и со сите луѓе.

Честопати бев придружувана од прекрасни луѓе на кои постојано им зборував со која цел возиме. И секогаш ја чувствував истата таа радост и во нивните срца.

Целта на последните 80 км., пред вкупно 1000 км., беше да ја споделам мојата радост и љубов во Бигорски манастир, изразувајќи им на монасите неизмерна благодарност за поддршката. Бев придружувана од Жикица Ивановски, долгогодишен спортист – ултра маратонец, како и со поддршка од мојата фамилија. Со симболична плаката за спомен и благодарност на моја преголема радост имав чест да земам благослов и лично да му се заблагодарам на игуменот на Бигорскиот манастир и епископ Атанински, отец Партениј.

Advertisement