
Министерот за надворешни работи Никола Попоски учествуваше на 127. сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа, што се одржа во Никозија, со која претседаваше Кипар. Во фокусот на министерскиот состанок беа повеќе актуелни теми од надлежност на Организацијата, со посебен акцент врз демократската безбедност во Европа.
На сесијата, Генералниот секретар на Советот на Европа, Јагланд, го претстави Извештајот за состојбата со демократијата, човековите права и владеењето на правото. Комитетот на министри се осврна и на прашањата за обезбедување долгорочна ефикасност на Европската конвенција за човекови права.
„Само доколку човековите права се штитат за сите и во сите земји членки подеднакво, мирот и стабилноста во Европа ќе бидат гарантирани. Различното читање на правата зависно од тоа кому се загрозени и кој ги загрозува е најгоелмиот ризик кој демне на овој пат. Македонски интерес е да доминира правото, а Советот на Европа е местото каде треба тоа да го обезбедиме„ – истакна МНР Попоски.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden