Државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски на посета на Хрватска

Државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски кој престојува во Загреб се сретна со Државниот секретар за Европа во хрватското министерство за надворешни работи, Андреа Метелко Згомбиќ. Со оглед на тоа што состанокот се одржа во пресрет на гласањето за ратификација на НАТО протоколот за пристапување на Република Македонија во Северноатланската Алијанса обострано беше изразено задоволството што Република Хрватска е меѓу првите земји членки кои го ратификуваат наведениот Протокол.

Државниот секретар Димовски ја истакна благодарноста за досегашната подршка од Република Хрватска за остварување на нашите стратешки евроатлански приоритети и воедно, изрази очекување за натамошна подршка за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ во текот на оваа година.

На средбата се разговараше и за проширувањето на ЕУ како еден од приоритетите на хрватското претседателство со Советот на ЕУ 2020, како и за натамошното унапредување на севкупните билатерални односи со акцент на економската соработка и прашањата на сукцесијата на имотот на поранешна СФРЈ.