5 Мај – Денот на македонскиот јазик

 

Владата на Република Македонија на неодамнешната 130-тата седница донесе одлука 5 мај да биде прогласен за Ден на македонскиот јазик, како празник од работен карактер, бидејќи на тој ден во 1945 година е усвоена азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо, а по два месеци е озаконет првиот правопис.

Со Решение на АСНОМ од втори август 1944 година, донесено во манастирот Прохор Пчински, македонскиот јазик бил заведен како службен јазик на македонската држава. Македонскиот книжевен јазик со околу 3 милиони Македонци во Македонија, Грција, Албанија, Бугарија, Србија, Косово, САД, Канада, Австралија и други земји. Македонскиот јазик станал официјален јазик на  Република Македонија во 1944.

Блаже Конески е голем великан чиишто заслуги за создавањето на македонската азбука и кодификација на македонскиот јазик се огромни. Конески беше истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје.

Конески по ослободувањето активно се вклучува во стандардизирањето на македонскиот јазик и ја изработува граматиката на современиот македонски јазик. Го составил и правописот на македонскиот литературен јазик, а исто така бил уредник на „Речникот на македонскиот јазик“.