
Партенија Зографски (Галичник, 1818 – Цариград, денешен Истанбул на 7 февруари 1876) бил првиот македонски епископ хиротонисан од Цариградската Патријаршија. Истовремено, тој е и учебникар, филолог, фолклорист – еден од најистакнатите културни и црковни работници од 19. век во Македонија.
Партенија Зографски, чие крштелно име и презиме е Павле Тризловски, е роден во 1818 г. во Галичник како првороден син на Доста и Василко. Првото образование го стекнал во манастирот „Св. Јован Бигорски”, а во 1836 г. во Охрид бил ученик на Димитар Миладинов. Замонашен е во Манастирот Зограф на Света Гора, во 1842 година, при што го добива името Партениј, а по манастирот и презимето Зографски. Зографски по знаења оди и во Духовната академија во Одеса, Кипријанскиот манастир во Молдавија, киевската семинарија, а од 1846 до 1850 г. е редовен студент во Духовната академија во Москва.
Автор е на многубројни дела со кои се создадени темелите на граматиката на македонскиот јазик. Пред појавата на Партенија Зографски во училиштата се предавале само грчката и старословенската граматика, а тој оди подалеку – се впушта во пишување на граматиката на Словените на балканскиот простор под Турците, во која ги систематизира разликите меѓу бугарскиот и македонскиот јазик на научна основа. Бил полиглот — покрај македонскиот, знаел грчки, латински, хебрејски, старохалдејски, француски, руски и бугарски. Работел како учител во богословското училиште на Зографскиот манастир, професор по црковнословенски јазик во богословското училиште на островот Халки кај Цариград. Партенија бил и духовник на рускиот царски двор. Манастирскиот комплекс во Стар Дојран денес го носи името „Свети Партениј Зографски”.
Неговиот животен пат е нераскинливо врзан – со љубовта кон Бога и кон сопствениот македонски народ. Набргу по завршувањето, од страна на цариградскиот патријарх е произведен во архимандрит, за потоа да биде поставен за епископ на Полјанската епархија, како прв Македонец со такво црковно звање и чин. Хиротонијата ја извршил солунскиот митрополит Неофит во патријаршијската црква во Цариград. Прво околу што се заложил новиот владика е воведувањето на црковнословенскиот јазик во богослужбата во црквите на македонски верници, со што го намалил влијанието на грчката црква во однос на богослужбата.

Железната црква „Свети Стефан“ во Цариград, денешен Истанбул
Ги обиколувал селата во епархијата за да внесе словенско духовно влијание, отворал народни училишта, а, тоа не можело да не предизвика реакции на кукушките чорбаџии, кои коментирале „Каков е тој владика што не практикува чибук муабет, се мачи катаден со поповите со учењето како ќе читаат четива во црквите, го нема никогаш дома затоа што е постојано во селата во епархијата каде што отвора и гради училишта” кои подоцна се жалеле до Цариградскиот патријарх за неговото дејствување.
Солунскиот митрополит Неофит, во летото 1861 г. го свикал Синодот на којшто во документ – обвинение со 22 точки, бил сосема неосновано обвинет епископот Партениј, за антипатријаршиска дејност.
Меѓу другото, во 22-те наведени клевети против полјанскиот епископ Партениј, тој бил обвинет и дека:
- Насилно го вовел црковнословенскиот јазик во богослужбата, а воедно забранил да се употребува грчкиот јазик;
- Го вовел мајчиниот јазик во училиштата, наместо грчкиот јазик, а дури и ги истерал од работа оние учители кои не го употребувале македонскиот јазик;
- Го поттикнал населението да потпише барање полјанската епископија да прерасне во митрополија;
- Не го спомнувал името на својот претпоставен митрополит Неофит, како негов началник, изјавувајќи дека и самиот е митрополит;
- Не дозволувал во неговата епархија да се чита патријаршиското писмо;
- Цариградската патријаршија ја нарекол ‘голем ан’;
- Наредил да се избрише грчкото писмо од кукушката црква и да се замени со македонски јазик .
Сeпак, плашејќи се од руската дипломатија, а со намера да угоди на барањето на рускиот амбасадор Лобанов, Патријаршијата била принудена да испрати комисија во Полјанската епархија, за да го испита „случајот Партенија“. По извршената истрага тричлената патријаршиска комисија констатирала дека епископот Партениј не е виновен, туку напротив, дека совесно ја вршел својата должност. Сепак, на г. Партениј не му било допуштено веднаш да се врати во својата епархија, во која, особено во Дојран, каде што се наоѓала и неговата епископска резиденција, бил желно очекуван од своите духовни чеда.

Железната црква „Свети Стефан“ во Цариград, денешен Истанбул
Железната црква „Свети Стефан“ е мошне значајна и за нашата историја, бидејќи во неа служеле и многу македонски духовници од Егзархијата, меѓу кои: Партенија Зографски, Методиј Кусев, Натанаил Охридски, Козма Пречистански и тн. Впрочем, во нејзиниот двор се наоѓа гробот и на нашиот великан, светиот владика Партениј Зографски.
Ноќта меѓу 19 и 20 февруари 1876 година, на денот на Св. Партениј Лампсакиски, се упокои во Цариград, каде што и денес се наоѓа неговиот гроб во дворот на Железната црква „Свети Стефан“.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden