
По повод тажната вест за смртта на еден од најголемите поборници за правата на Македонците во Пиринска Македонија, Јордан Костадинов, сочувство изрази Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски:
„Со длабоко жалење ја примив тажната вест за упокојувањето на Големиот Македонец, Јордан Костадинов. Македонците со смртта на Јордан, изгубија многу. Нашиот народ изгуби еден пожртвуван и посветен човек, кој речиси целиот свој живот го вложи во беспоштедната битка за унапредување на правата и основните човекови демократски слободи на нашите браќа и сестри во Пиринска Македонија.
Јордан кој во 1990 беше еден од основачите на ОМО Илинден и нејзин лидер, беше предводник на силната борба против Бугарскиот иредентизам и упорното негирање на Македонскиот идентитет. Заедно со соборците Тој во повеќе наврати покренуваше постапка пред Европскиот Суд во Стразбур каде Бугарија беше осудена за кршење на човековите права.
Несомнено е дека неговите залагања и пожртвуваност за Македонската кауза, ќе бидат патоказ за сите нас, особено за генерациите Македонци кои доаѓаат и кои ќе ја имаат обврската да ја продолжат битката за остварување на нашите вековни стремежи за обезбедување на достоинствен живот, обединување на Македонците од целиот Свет и градење на силна, економски просперитетна Македонија. Почивај во мир, Голем Човеку!„ – стои во соопштението потпишано од Ѓорѓија Џорџ Атанасоски Претседател на Македонската Алијанса.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden