Попладневните часови се резервирани за моите другари со кои се дружам, разговараме за разни теми кои нѐ засегаат, а една од темите е и невработеноста на младите. На моите другари не им пречи што сум лице со посебни потреби; тие секогаш ме чекаат со нетрпение да ги насмеам, расположам или изнервирам. Секој кој ќе ме запознае, сака да се дружи со мене заради мојот позитивен дух. Ова ми помага да се чувствувам „нормален“ и еднаков со другите. Мојата најголема болка, дури поголема и од мојот хендикеп е тоа што сѐ уште не сум вработен. Една од моите најголеми желби е да се вработам и да бидам активен и корисен за општството, затоа што знам дека сум способен и вреден, без разлика на мојата попреченост.
Спортот е исто така значаен дел од мене, така што попладневните часови, по ручекот, задолжително ги користам за вежбање во теретана или за возење на мојот трицикл, со кој возам од 20 до 30 километри дневно. Го сакам велосипедизмот оти тој е мојата преродба; во мене создава голем адреналин, како и желба за нови и невозможни предизвици, кои ме прават да се чувствувам среќен, задоволен и исполнет. Сакам меѓудругото да бидам светол пример за другите, сакам да ги мотивирам да се борат во животот и да не дозволат ниту една препрека да ги сопре во остарувањето на нивните желби.
Вечерните часови ги користам за мал одмор дома, после кој излегувам со моите другари во дискотеки и кафулиња. Знам да се забавувам и уживам во ноќниот живот како моите другари, тоа во животот ме прави исполнет и задоволен човек. Се прибирам дома после полноќ.
Многу луѓе се чудат на мојата позитивна енергија и желба за успех. Ме прашуваат често како успевам да бидам таков, а јас едноставно им одговарам дека човек ако сака во животот може да постигне сѐ, без разлика на попреченоста. Она што според мене е најважно да се има желба, храброст и свој сон.
Јас сметам дека упорноста е таа која нѐ води напред кон остварување на соништата. Јас живеам под мотото „Сите сме исти.“ Со ова мое мото сакам да докажам дека и ние лицата со попреченост сме дел од општеството, не треба да бидеме отфрлени и заслужуваме еднакви шанси и можности.
Васил Јанкула има 28 години и живее во Ресен. Роден е во Мала Преспа како здраво бебе, а неговата попреченост е последица од висока температура во детството. Но, тој никогаш не мирува и силно верува дека секој од нас може да пренесе порака на свој начин. Па така, за подигање на свеста за лицата со попреченост, во мај оваа година, со својот трицикл и тим, Васил за седум дена ја обиколи западна Македонија и извози цели 800 километри. По овој подвиг, тој со публицитетот што го предизвика го доби прекарот „преспанскиот херој“. Неговиот следен предизвик е Tour de France./www.prkos.mk

Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden
