ЕУ формира фонд од 25 милијарди евра поради кризата предизвикана од коронавирусот

Европската комисија ќе формира фонд од 25 милијарди евра од постојни извори за да одговори на економската криза предизвикана од коронавирусот, објави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен. Говорејќи на видео-конференцијата со европските лидери, Фон дер Лејен рече дека инвестицискиот фонд треба да се финансира со веднаш достапни 7,5 милијарди евра. Овие се средства што не ги користеле националните влади од бирократски причини. Наместо да ги вратат назад во Брисел, тие сега можат да ги искористат за да им помогнат на своите економии, изјави за Ројтерс неименуван европски функционер.

„Овој инструмент ќе достигне 25 милијарди евра многу скоро. За да се постигне ова, ќе му предложам на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент да ослободиме 7,5 милијарди евра оваа недела“, рече претседателката на Комисијата. Инвестицискиот фонд ќе се фокусира на здравството, малите и средни претпријатија и пазарот на трудот, додаде таа. Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел рече дека шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ ја истакнале потребата од заеднички пристап и соработка и идентификувале четири приоритети.

Првиот е да се ограничи ширењето на вирусот со мерки кои се пропорционални на опасноста и се засноваат на науката и медицината. Втор приоритет е обезбедување на медицинска опрема, а комисијата има задача да ги анализира потребите и да предложи мерки за да се спречат недостатоци на опрема. Трет приоритет е истражување, вклучително и пронаоѓање на вакцина против коронавирус. Комисијата веќе мобилизира 140 милиони евра за оваа намена и избра 17 проекти за да се работи на нив. Четвртиот приоритет е решавање на економските последици, а Унијата и нејзините земји-членки ја истакнаа нивната подготвеност да ги користат сите потребни инструменти.