
Специјализирана опрема за спасување во зимски услови и возила добија Црвен крст – Охрид, општините Дебрца и Грамш и алпинистичкиот клуб „Патагонија“ преку проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“ финансиран од Европската Унија, преку ИПА2 Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија.
На промоцијата денеска во Охрид присуствуваа министерот за локална самоуправа Горан Милевски, евроамбасадорот Дејвид Гир, градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески и претседателот на општинската организација на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
Целта на проектот, според министерот Милевски, е промоција на социо-економскиот развој на охридско-преспанскиот прекуграничен регион, преку одржлив развој на туризмот, со особено внимание за создавање деловни можности за урбаните и руралните области, како и понуда на различни туристички пакети и промоција на високи стандарди за безбедност во туризмот.
Целта е да се прошири туристичката сезона преку цела година, како и да се обезбеди поизбалансиран и инклузивен развој на поширокиот прекуграничен регион околу Охридското Езеро со приближување на општините Дебрца и Грамш кон Охрид и Поградец, истакна Милевски. Имплементација, нагласи, почна на 1 ноември 2019 година и ќе се спроведува три години, а вкупниот буџет на проектот изнесува 692.000 евра, од кои 588.200 евра се грант од ЕУ, а останатите средства се обезбедени со кофинансирање од страна на споменатите партнери.
Ова е продолжување на претходно реализираниот проект „Регионот Охридско Езеро – Безбедна дестинација за авантуристички туризам“, со вкупен буџет од 415.000 евра, со кој се воспоставија две спасителни служби: служба за спасување на вода во Поградец, Албанија и служба за спасување на планина во Охрид. Беше набавена опрема за овие служби и се организираа обуки за спасување на вода во Поградец и за спасување на планина во Охрид. Се изгради и современ оперативен и тренинг центар за Планинската спасителна служба во Охрид, рече Милевски.
Во досегашните активности на овој проект, амбасадорот на ЕУ посочи дека е обележана прекугранична планинарска патека од планинарскиот дом во селото Брежани, општина Дебрца до општина Грамш, реконструирано е старото училиште во општина Дебрца и во тек е негова пренамена во планинарски дом, направен е авантуристички парк во близина на планинарскиот дом на Галичица, како и пречистителна станица за планинарскиот дом. Исто така поставен е мониторинг систем за посетители во националниот парк „Галичица“.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden