
Заменик претседателот на Владата на РМ и Министер за надворешни работи, Никола Попоски, учествуваше на Форумот “Еден појас, еден пат” што се одржува во Пекинг, Народна Република Кина.
На Форумот, на кој учествуваат голем број шефови на држави и влади, се разговараше за перспективите и за идните активности во рамките на овој кинески мега-проект за инфраструктурно и економско поврзување на Азија, Европа, Африка и Блискиот Исток.
Во рамките на Форумот, МНР Попоски имаше обраќање на панел-дискусијата насловена “Поврзаност на развојни политики и стратегии”. МНР Попоски истакна дека оваа иницијатива е одлично средство за промоција на транснационалната поврзаност, унапредување на трговската и инвестициската соработка, која, преку развојот, овозможува зајакнување на безбедноста.
Тој нагласи дека Република Македонија која се наоѓа долж трасата на стариот “Пат на свилата” и е една од првите членки на Процесот 16+1, меѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа, ги препознава можностите и придобивките од оваа Иницијатива и ја гледа како мост за поврзување на трите континенти.
МНР Попоски се осврна и на исклучително добрата соработка со НР Кина:”Успешната реализација на досегашните проекти е најдобра гаранција и мотивација за продолжување на соработката. Во овој контекст, успешните приказни не само што треба да продолжат, туку треба да се унапредат на секој можен начин”.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden