Премиерот Рама е решен да го смени претседателот Мета

Премиерот на Албанија Еди Рама изјави денес дека е решен да го смени претседателот на Албанија Иљир Мета од позицијата бидејќи ја „срами државата“.

Шефот на пратеничката група на владејачките социјалисти Таулант Бала кажа дека актуелниот парламент има доволно време до 9 септември, кога му завршува мандатот „да формира истражни комисии и да ја заврши постапката на отповикување во рамки на својот мандат“. Социјалистите убедливо победија на неодамнешните избори и освоија 74 места во парламентот со 140 места, што е доволно самостојно да формираат влада.

Рама порача дека претседателот Илир Мета треба да биде разрешен бидејќи го прекршил уставот кога за време на неодамна одржаните избори застанал на една политичка страна, пренесува Асошиејтед прес.

Минатата недела парламентарците формираа истражен одбор кој треба да донесе одлука дали против претседателот Мета ќе биде почната постапка за отповикување, а 49 пратеници на Социјалистичката партија тврдат дека Мета го прекршил уставот бидејќи, наместо да биде гарант на националното единство, се ставил на страната на опозицијата уште пред изборите на 25 април.

За време на изборната кампања Мета го обвини Рама дека управува со „клептократски режим“, дека лошо се справува со здравствената криза, дека ги одложува интеграциите на неговата земја во Европската Унија и дека ја концентрира сета власт во своите раце. Кабинетот на Мета не одговори веднаш на барањето за коментар, но тој на својот профил на Фејсбук порача: „Не се бавете со измамнички бомби, туку со истрага на изборните злосторства!“