Во Глобочени промовирана книгата „Прогонот на Македонците од преспанското село Горна Горица (1924–1933)“

Во музејот „Стерјо Спасе“ во Глобочени денес беше промовирана книгата „Прогонот на Македонците од преспанското село Горна Горица (1924–1933), дело на Васил Стерјовски, посветено на судбината на Македонците од Горна Горица во периодот меѓу 1924 и 1933 година.

За значењето на изданието говореше Ефтим Митревски, кој истакна дека книгата претставува значаен историски запис за страдањата на Македонците од Горна Горица и вреден придонес во зачувувањето на историската меморија за настаните од меѓувоениот период.

Авторот Васил Стерјовски пред присутните ја претстави содржината на книгата, истражувачкиот процес и архивската документација врз која се темели изданието. Тој нагласи дека преку архивски документи, сведоштва и научен пристап, книгата ја осветлува судбината на Македонците од Горна Горица, кои во периодот од 1924 до 1933 година биле изложени на прогон, притисоци и присилно иселување, со трајни последици врз македонското население и регионот.

На промоцијата беше истакнато дека делото има особено значење за македонската заедница во Албанија, бидејќи претставува документарно сведоштво за историјата на Македонците од Преспанскиот Регион и придонесува за зачувување на нивната историска меморија, национален идентитет и културно наследство. Книгата, исто така, се оценува како значаен извор за идните истражувања на историјата на Македонците во Албанија.

На настанот присуствуваа и членови на Форумот за човекови права на Македонците со потекло од Егејска Македонија од Скопје, кои дадоа поддршка на објавувањето на ова издание и на напорите за зачувување на историската вистина и колективното сеќавање.

Промоцијата се одржа во атмосфера на голем интерес и конструктивна дискусија, при што беше нагласено дека објавувањето на вакви научно-истражувачки дела претставува важен придонес за македонската историографија и за афирмацијата на историското наследство на Македонците во Албанија.