
Побрзо поминување на границата, полесен транспорт и поголема поврзаност меѓу граѓаните на Македонија и Албанија. Ова се главните придобивки од воспоставувањето на системот „One Stop Shop“ на граничниот премин меѓу двете земји, истакна премиерот Христијан Мицкоски на заедничкиот настан со албанскиот премиер Еди Рама.
Мицкоски посочи дека преку овој граничен премин годишно поминуваат неколку милиони патници, поради што новиот модел на гранични контроли ќе овозможи побрзо, поедноставно и поефикасно движење меѓу двете соседни држави.
Тој изрази очекување системот „One Stop Shop“ во иднина да биде воведен и на останатите гранични премини со Албанија, со што дополнително ќе се олесни комуникацијата и поврзувањето меѓу граѓаните од двете страни на границата.
Според премиерот, новиот систем ќе придонесе и за развој на туризмот, како и за подобро искористување на туристичките потенцијали на двете земји, особено во охридско-струшкиот регион и на албанското крајбрежје.
Во своето обраќање, Мицкоски им го честиташе 22 Ноември – Денот на албанската азбука на припадниците на албанската заедница, нагласувајќи дека празникот има значење и за мултиетничкиот карактер на државата и за зајакнувањето на општествената кохезија.
Тој упати благодарност до министерот за внатрешни работи, членовите на Владата, вработените во МВР, Царинската управа и сите институции кои учествуваа во реализацијата на проектот.
Посебна благодарност премиерот упати до својот албански колега Еди Рама за личната поддршка и ангажманот во воспоставувањето на новиот систем.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden