
На Универзитетот во Анкара оваа недела започна со работа Катедра за македонски јазик. Ова, на заедничкото предавање со македоснкиот претседател д-р Ѓорге Иванов, во рамки на неговата официјалн посета на Турција, го објави претседателот на Советот за високо образование на Република Турција, д-р Јекта Сарач. Тој упати повик до академиците и ректорите да ја поддржат соработката со Република Македонија во областа на високото образование. На предавањето присуствуваа и македонски студенти во Анкара, кои остварија средба со претседателот Иванов. Тие ги пренесоа своите искуства од образовниот систем во Турција и истакнаа дека им е голема чест и задоволство што присуствуваа на предавањето на претседателот Иванов. Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Република Турција, во Анкара одржа предавање на тема „Предизвици на високото образование во третиот милениум” пред членовите на Советот за високо образование на Република Турција и ректорите од сите државни и приватни универзитети на Република Турција. Претседателот Иванов во своето предавање се осврна на историските промени во процесот на образованието, притоа правејќи паралела меѓу милет системот и македонскиот модел на интеграција без асимилација, како и за важноста на почитувањето наместо толерирањето на различностите.
„Еден куриозитет со кој се гордееме – првата телевизиска програма на турски јазик се емитувала на македонската телевизија во Скопје 1967 година. Турската држава својата телевизија ја формира 1969 година. Две години во етерот одела слика и збор на турски јазик од Македонија. Првиот професионален театар на турски јазик, надвор од Турција, е во Македонија, кој набрзо ќе слави 70 години постоење. Тоа укажува дека другиот не треба да го толерирате, туку треба да го почитувате. Затоа, оваа филозофија е она што нуди решенија за состојбите и на блискиот исток и на Кавказ. Кога ќе го почитувате другиот, можете да очекувате и тој вас да ве почитува. Ако го толерирате, тој ќе знае дека не го сакате, дека само го трпите”, рече претседателот Иванов во предавањето пред турската академска заедница. Претседателот Иванов истакна дека на Македонија и на Турција им се потребни универзитети што ќе им помогнат на младите да ги достигнат своите потенцијали и да се остварат во 21 век. Според него, дигиталната трансформација на универзитетите создава услови за персонализирани студиски програми, кои преку технолошките паркови овозможуваат да се создаваат кадри за четвртата индустриска револуција.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden