
Светскиот Македонски Конгрес (СМК) Одлуката за распишување на референдум за промена на името на државата и идентитетот на нацијата, донесена од Собранието на 30 јуни 2018 година ја смета за ништовна и за најтешко кривично дело велепредавство! СМК очекува Уставниот суд врз начелата на приоритет и итност да ја поништи Одлуката за распишување на референдум и да утврди времена мерка до одлучување, поради штетните последици од спроведувањето на референдумот по Буџетот и јавните фондови односно даночните обврзници, слободите и правата на државјаните и внатрешниот правен поредок на државата Македонија!
Доколку и покрај се’, Владата спроведе неуставен и незаконски референдум, СМК повикува на општ и безусловен бојкот и на масовна неизлезеност на гласањето на 30 септември 2018 година! СМК потсетува дека Владата и Собранието со референдумот ги наведуваат избирачите да гласат за меѓународен договор кој не е склучен во согласност со Уставот и законите и меѓународното право и не е дел од внатрешниот правен поредок на државата, затоа што не е ратификуван во согласност со Уставот! Истовремено, Спогодбата Димитров-Коѕиа ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, односно Република Грција. Според член 308 од Кривичниот законик, “Граѓанин кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор од најмалку пет години“. Референдумското прашање создава правни последици што се основа за кривично дело и поради тоа ги доведува избирачите во заблуда да гласаат за “озаконување“ на меѓународен договор чие извршување пред да стапи во сила Законот за негова ратификација претставува кривично дело!
СМК истовремено потсетува, дека доколку на владиниот референдум не гласаат “за“ најмалку 900.000 избирачи, тоа не значи одобрување на Спогодбата која не е во сила, бидејќи се уште не стапил во сила Законот за нејзина ратификација, туку нејзино отфрлање и апсолутна ништовност! Во тој случај Владата е должна да си поднесе оставка, а Собранието да се распушти и референдум за исто прашање не може да се повтори пред истекот на рокот од две години од денот на одржаниот референдум! СМК иницира формирање на Координативно тело против референдумот, а заради обезбедување од ризик за фалсификување на резултатите од референдумот, анимира акредитирање на набљудувачи на гласачките места со повик за пријавување на волонтери набљудувачи за сите гласачки места во Македонија на денот на гласањето!
СМК ги повикува сите македонски државјани во земјата и во светот, задолжително да го пријават и да го проверат уписот во Избирачкиот список во Државната изборна комисија, најблиското подрачно одделение на Министерството за правда и надлежната македонска амбасада, во роковите за проверка и упис на Избирачкиот список, имајќи предвид дека во согласност со членот 120 од Уставот, одлуката на референдумот се донесува со мнозинство (најмалку 900.000) од вкупниот број запишани избирачи (најмалку 1.800.000). СМК бара Јавниот обвинител да поднесе обвинителен акт против премиерот, министрите и пратениците кои ја предложија и донесоа Одлуката за распишување на референдум, поради сторени кривични дела против државата и нацијата: Повреда на угледот на Република Македонија (член 178), Излагање на подбив на Македонскиот народ и припадници на заедниците (член 179), Велепредавство (член 305), Загрозување на независноста (член 308), Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста (член 313), Здружување заради непријателска дејност (член 324), Злоупотреба на службената положба и овластување (член 353), и Самовластие (член 392) од Кривичниот законик на Република Македонија!
СМК и натаму бара Претседателот на Републиката да ја огласи за ништовна Спогодбата Димитров-Коѕиа и за тоа со нота веднаш да ги извести Генералниот Секретар и земјите членки на Обединетите Нации, а до Генералното Собрание да достави Резолуција за продолжување на членството во Обединетите Нации под единственото државно име Македонија, со можност за употреба на уставната додавка “Република“ како јасна разлика од истоимената северна провинција во Грција и југо-западна провинција во Бугарија, без латинична транскрипција на Македонскиот јазик (Republika Makedonija), туку на англиски јазик Republic of Macedonia, со меѓународниот код МК односно МКД и нотификација на Македонскиот народ и јазик на англиски јазик Macedonian people и Macedonian language, независно од историските хипотеки на Балканските војни 1912-1913 година – окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ што се’ уште траат! ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името на државата и идентитетот на нацијата! – стои во соопштението на Светски Македонски Конгрес.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden