Активистот за заштита на човековите права на Македонците во Грција Славко Манговски на црна листа во Грција

Активистот за заштита на човековите права на Македонците во Грција Славко Манговски и натаму е на некаква „црна листа” во Грција, за која ниту една официјална грчка институција не дава никаква информација. На Славко Манговски, кој има американски пасош, од 2000 година му е забрането да влезе во Грција. Грчката полиција на претставниците на Амбасадата на САД во Атина им одговорила дека причините за забраната за влез на Манговски во Грција се тајни.

Грчкиот Хелсиншки комитет веќе неколку години бара објаснување од грчките власти за постоењето на таа т.н. црна листа, на која главно се запишани имињата на Македонци, македонски, канадски, американски или австралиски државјани, кои и натаму не смеат да влезат во Грција.

Во октомври минатата година, по барањето на Грчкиот хелсиншки комитет, грчкиот омбудсман конечно одговорил. Во одговорот од 15 октомври 2018 година, кој Манговски го добил во февруари годинава, се вели дека грчката полиција информира дека Манговски не е на листата на непожелни личности за влез од Грција.

Манговски, кој живее и работи во Охрид, по толку години, ни рече дека помислил дека сега ќе може слободно да влезе во Грција. Но, на 2 март 2019 година на граничниот премин Меџитлија, повторно му бил забранет влезот во Грција, без никакво образложение.

„Јас сум американски државјанин, имам американски пасош. Веднаш реагирав до Амбасадата на САД во Атина. По нивниот обид за добивање одговор од службените лица на Грција, тие биле информирани дека причините за забраната се тајни. И тоа е така веќе со години, без никакво официјално објаснување што е тоа што сум го сторил за да не смеам да влезам во Грција“, вели во изјавата за МКД.мк Славко Манговски.

За овој случај информиран е и Меѓународниот секретаријат на светската организација против тортура, кој бара итна интервенција за загрозување на слободата на движење на Славко Манговски, познат активист за заштита на човековите права на македонското малцинство во Грција, кој со години соработува со Грчкиот хелсиншки комитет.

Светската организација против тортура смета дека со оваа ситуација борците за човековите права во Грција се соочуваат веќе со години. „Тие луѓе се постојано на мета на грчките власти за нивната легална работа и се соочуваат со различни начини на напади, приведувања, следење, притисоци… Во исто време жалбите за овие случаи не се истражуваат или веднаш се архивираат. Продолжувањето на овие случаи предизвикува сериозна загриженост за нападите и заканите врз бранителите на малцинските права.

Ја осудуваме и забраната за влез во Грција за бранителите и новинарите што работат на проблемите на правата на малцинствата. Бараме итна интервенција на грчкиот омбудсман и истражување на случајот со Манговски и пронаоѓање на официјалните документи што ја поткрепуваат забраната за влез во Грција на Манговски“, се вели во соопштението на оваа организација./www.mkd.mk