Албанија: 500 илјади вакцинирани лица

Премиерот Еди Рама објави дека земјата успеала да ја достигне бројката од 500 илјади вакцинирани лица против Ковид-19. Додава дека целта е постигната пред зацртаниот датум што претходно го најавил и најавува нова цел а тоа е милион вакцинирани, но овој пат не наведува датум.-29 дена пред рокот кој јавно го најавив, реализиравме пола милион вакцинирани.

Продолжуваме без прекин до целта милион вакцинирани, напиша Рама. Дека е реализирана зацртаната цел потврди и министерката за здравство Огерта Манастирлиу која додаде дека поголемиот процент од имунизираните се постари лица. Прашана дали е вакцинирана и ако не кога таа одговори дека ќе го чека редот кога ќе почне имунизацијата на лица над 40-годишна возраст. Во Албанија до сега пристигнати се над 720 илјади вакцини од Астра Зенека, Фајзер, Синовак и Спутник В.

Во меѓувреме епидемиолошката состојба се оценува како стабилна. Вчера беа регистрирани само 53 новозаразени и еден починат пациент. Сепак експертите од оваа област не ја отфрлаат можноста за зголемување на нови случаи поради изборната кампања и изборниот ден во кои граѓаните не ги почитувале мерките за заштита.

Advertisement