
Денес во Брисел, Албанија и ЕУ ќе ја одржат седмата Меѓувладина конференција, каде што ќе се отворат преговорите за последниот, Кластер 5 од процесот на пристапување, именуван како „Ресурси, земјоделство и кохезија“.
Во овој Кластер се опфатени поглавјата 11 – „земјоделство и рурален развој“, 12 – „безбедност на храната, ветеринарство и фитосанитарнија“, 13 – „рибарство и аквакултура“, 22 – „регионална политика и координација на структурните инструменти“ и 33 – „финансиски и буџетски одредби“.
Данската министерка за европски прашања, Мари Бјере, ќе претседава со Конференцијата. Нејзината држава моментално претседава со ЕУ.
Албанија ги започна преговорите за пристапување кон ЕУ заедно со нашата држава на 19 јули 2022 година, со одржување на Првата меѓувладина конференција.
По завршувањето на процесот на скрининг, Албанија и ЕУ ја одржаа Втората меѓувладина конференција на 15 октомври 2024 година, кога официјално беше отпочнат преговарачкиот процес со отворањето на Кластерот 1 – „Основни вредности“.
Третата конференција се одржа на 17 декември 2024 година, кога започнаа разговорите за Кластерот 6 – „Меѓународни односи“, а на 14 април 2025 година и Четвртата, на која беше отворен Кластерот 2 – „Внатрешен пазар“.
На Петтата конференција на 22 мај 2025 година беше отворен Кластерот 3 – „Конкурентност и инклузивен раст“, а на 16 септември годинава, во рамките на Шестата меѓувладина конференција, и Кластерот 4 – „Зелена агенда и одржлива поврзаност“.
Во меѓувреме, ЕУ ги утврди и критериумите за привремено затворање на поглавјата.
Согласно правилата на процесот на пристапување кон ЕУ, преговорите за членство се водат на меѓувладини конференции помеѓу Унијата и земјата кандидат.
Преговорите се однесуваат на усогласување со корпусот на заедничките права и со легислативата на ЕУ, поделени на повеќе поглавја, групирани во шест кластери.
Конференциите се одржуваат на ниво на министри или нивни заменици. Албанија има амбиција да ги заврши преговорите до крајот на 2027 година.
По ова би следела процедурата за ратификација на договорот за членство од страна на државите од Унијата, што во принцип трае 18 до 24 месеци, по што Албанија се надева дека би можела да стане членка на ЕУ во 2030 година.
Инаку, Албанија доби статус на кандидат за членство во ЕУ во јуни 2014 година.
Европската комисија во април 2018 година даде препорака за отворање на пристапните преговори со Албанија, по што Европскиот совет во јуни 2019 година го одобри нивниот старт.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden