Албанија и Македонија ги имаат најевтините ресторани во Европа

Ерик Блик од Шведска дојде во Албанија на 10 дена. Слушнал дека е евтино, но вели дека е навистина изненаден, не само од евтините цени, туку и од квалитетот.

„Храната во Ѓирокастро и Берат беше многу добра. Многу малку плаќавме оброци, 10-15 евра. За време на фолклорниот фестивал цените поскапеа нешто повеќе од вообичаено за 3-5 евра по оброк, но сепак многу евтини за нас“, вели тој.

Со исклучок на југот, каде оброците во рестораните чинат колку и во Европа (минимум 10-15 евра по чинија), на туристите Албанија им е евтина и тоа е една од причините за нивниот наплив оваа година, покрај одличната туристичка разновидност, што ја нуди земјата.

Иако за многу албански семејства честото консумирање оброк во рестораните можеби е недостапно, странските туристи кои имаат повисоки месечни примања можат да си го дозволат.

Според Евростат, Албанија е втора најевтина земја во Европа, по најниски цени во рестораните. Во 2022 година, нивото на цените на ресторанските барови, мерено според куповната моќ, во однос на просекот на Европската Унија изнесува 46,8%.

Тоа значи дека ручек, кој во просек во Европската унија чини 100 евра, во Албанија е помалку од половина.

Македонија е многу малку поевтина од Албанија (46,3%). Бугарија (50,5%), Турција (52,3%), Босна и Херцеговина (58,8%) се рангирани по Македонија и Албанија. Недостасуваат податоци за Косово, пренесува Ора Њуз.

Црна Гора и Србија се најскапи за баровите и рестораните во регионот, со соодветно 59,5% и 60,7% од просекот на ЕУ.

Во Албанија, расходите по глава на жител за барови и ресторани за една година, за 2022 година, биле 217 евра, но тука е вклучено и она што го консумираат странците. Оваа бројка е многу помала од европскиот просек од 1190 евра, според Евростат.

Највисоки расходи по глава на жител во регионот за барови и ресторани има во Црна Гора со 1113 евра, што укажува на високо развиено ниво на туризам во соседната земја.

Во Македонија овој показател е 223 евра, а најнизок е во Србија со 187 евра, најмал во Европа (Албанија е втора најниска во Европа, по Србија).

Advertisement