Албанија загрижена поради зголемената бројка на новозаразени со Ковид-19

Албанската министерка за здравство, Огерта Манастирлиу, призна дека е загрижена поради зголемениот број заразени со Ковид-19 и апелираше на поголем одѕив на граѓаните за  имунизација.
„Загрижени сме поради зголемениот број новозаразени, што го зголемува и бројот на хоспитализации. Поголема внимателност  и потреба од вакцинација, која е единствен начин да се заштитиме. Познато е дека Делта сојот  брзо се шири. Кај нас влегуваат многу лица од разни држави, бидејќи нема никаква забрана или било какви услови, затоа апелирам на што помасовен одѕив за вакцинација“, рече таа при посетата на мобилната екипа за вакцинација во Сукт кај Драч. За разлика од еден подолг период кога во земјата имаше ниски едноцифрени бројки на новозаразени на дневно ниво, пред два дена имаше 20 а вчера 43 нови случаи.
Според неа од 11 јануари кога почна вакцинацијата во земјата, до сега, опфатени се 1.082.424 лица а ревакцинирани се 472.886 од нив. Таа апелираше до младите над 18-годишна возраст да се вакцинираат наведувајќи дека “отворената недела” за нив трае до крајот на оваа седмица. Објасни дека може да се јават во било кој вакцинален пунк и оти за тоа не е потребно претходно закажан термин.
Advertisement