Амбасадорот Марковски го информирал албанскиот министер Хасани, за одредени злоупотреби и кршење на законот за попис

Македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски оствари средба со албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, на која покрај другото,  фокусот е ставен и на пописот на населението, кој е во тек во оваа земја, информираа од амбасадата.

Амбасадорот Марковски на средбата го информираше министерот Хасани за одредени злоупотреби и кршење на Законот за попис на населението од страна на неовластени странски лица кои делуваат и вршат притисок во поглед на нивната етничка припадност  во средините каде што живеат припадници на македонското национално малцинство, при што побара спречување на тие активности, додаваат од амбасадата.

На работна средба одржана вчера амбасадорот искажал  благодарност за ангажманот на албанското министерство околу хуманитарниот транспорт на дел од македонските граѓани од Израел.

Средбата била искористена и за меѓусебно информирање околу претстојните билатерални активности, со посебен акцент на економската соработка која бележи позитивен развој.

За средбата, кусо информираа и од Министерството за Европа и надворешни работи,  наведувајќи дека станало збор за билатерална и мултилатерална соработка а биле „споделени перспективи за регионални прашања од заеднички интерес“.

Advertisement