Амбасадорот Марковски, со Стерјовски и Османи го посетија преминот Џепиште-Требиште

Македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски, придружуван од претседателот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски и администраторот на административната единица Требиште, областа Голо Брдо Едмонд Османи беа во посета на граничниот премин Требиште – Џепиште.

Со македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски го посетивме граничниот премин Требиште – Џепиште. Во тек се завршните активности од страна на Министерството за внатрешни работи на Македонија, со што ќе се овозможи 24 часовно работно време на овој граничен премин и ќе се помогни на Македонците во областа Голо Брдо, каде има 22 населени места, рече Стерјовски.

Овој премин, кој е втор на македонско-албанската граница кај Дебар е отворен во мај 2013 година и е за локален граничен сообраќај. Работи од 8 до 20 часот во летниот период и од 8 до 18 часот во зимскиот период. Преминот е наменет пред се за жителите во пограничните зони на двете држави, а од 2014 по изградбата на асфалтен пат и од албанска страна, може да се патува и со моторни возила.

Владите на двете земји на заедничката седница одржана во Поградец на 15 декември 2017 година донесоа одлука преминот да работи 24 часа.

Во повеќе наврати што побрза реализација на ова одлука побараа Стерјовски, кој во својство на пратеник во албанскиот парламент тоа го кажа од собраниска говорница, како и Македонското друштво “Илинден“-Тирана.

Ако овој граничен премин работи 24 часа тоа ќе биде од голема полза за Македонците од областа Голо Брдо бидејќи сега работи со ограничено време и создава проблеми во комуникацијата и патувањето за Македонија. За нив поблиску е да патуваат до Дебар, отколку до најблискиот албански град Пешкопеја. Со ова ќе им се помогне на Македонците од областа бидејќи ќе се зголеми економската соработка меѓу жителите од двете страни на границата, а ќе донесе и поголем број туристи кои ќе ја посетуваат областа Голо Брдо, која располага со многу природни убавини, оценува Никола Ѓирѓај претседател на друштвото „Илинден“.

Поради близината, од околу 15-тина километри за време на зимскиот период, кога областа со денови е завеана во снег единствен најблизок излез е токму овој премин, па тешко болните се носат во болницата во Дебар, каде од хуман аспект никогаш и никого не го вратиле без да ја добие потребата здравствена услуга.