
Македонскиот амбасадор во Албанија, Дончо Марковски, денеска, на завршните активности посветени на Денот на македонската азбука и 100-годшнината од раѓањето на великанот Блаже Конески, се обрати пред Македонците во дворот на училиштето во Пустец, каде заедно проследија културно-уметничка програма подготвена од учениците и нивните наставници.
Ми причинува особено задоволство да ве поздравам и да ви се заблагодарам за вашето учество во одбележувањето на два големи датуми, Денот на македонската азбука и 100 години од раѓањето на великиот Блаже Конески, кои како гранитни меѓници го крепат нашиот милозвучен македонски јазик, рече на почетокот амбасадорот Марковски. Има пријатна симболика, додаде тој, во прославата на Денот на македонската азбука во Пустец, со слични активности со прославите на албанската азбука во Битола.
Тоа само по себе носи моќна порака за културните нишки што постојат меѓу македонскиот и албанскиот народ. Јазикот и неговата писменост се нешто што не може да се околчи, да се огради бидејќи тие се како вода којашто напојува, и поврзува надвор од државни граници. Јазикот е наша татковина велеше Блаже Конески. Доказ за тоа се активностите во изминатите два дена во Пустец кои го потврдија заедничкиот интерес за пренесување на новините во македонскиот јазик и ширењето на македонската јазична култура. Да имаш не е марифет, марифет е да зноеш да чуваш, велат нашинците во Голо Брдо, додаде амбасадорот. Посочи дека денешното чествување буди емоции на задоволство, но и обврски за амбасадата и македонските институции.
Тоа подразбира дека оваа активност, втора по ред, треба да прерасне во традиција со која освен Пустец, ќе бидат опфатени Корча, Голо Брдо и Тирана. Си земам за слобода да предложам спомен куќата на писателот Стерјо Спасе да прерасне во место во кое ќе се состануваат македонските и албанските лингвисти, поети и други претставници од областа на културата од земјите во кои е посеана словенската писменост, со што Мала Преспа ќе стане препознатлива. Впрочем нејзината географска положба и го налага тоа, нагласи тој.
Пред нас, кажа Марковски, стои обврската за што поскоро отворање лекторат во Корча, како и засилување на активностите на постоечкиот во Тирана. Книгоиздателството, поткрепата на весниците Преспа и Илинден, како и негувањето на културната посебност мора да биде збогатена.
Вистина е дека македонскиот јазик му е потребен на Македонското национално малцинство, но исто така е вистина дека нивните говорни наречја се непресушен извор во збогатувањето на македонскиот јазик. Го поздравувам присуството на дијалектолозите. Да си јак есит убоо, а да си умен есит ишче по убоо, рече тој. На крајот тој се обрати до наставниците и учениците и упати искрени желби за успешно завршување на учебната година.
Годинава по вторпат меѓу нас се професорите и директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, проф. Елена Јованова Грујовска кои несебично се вградија во реализацијата на оваа благодарна идеја, за што им упатувам јавна благодарност. Да сте ми живи и здрави, порача на крајот од обраќањето амбасадорот Марковски.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden