Амбасадорот на ЕУ во Тирана бара избор на министер за внатрешни работи

Амбасадорот на ЕУ во Тирана, Луиџи Сореца, откако деновиве побара Министерството за внатрешни работи да биде целосно функционално, сега посочи дека Брисел очекува назначување министер за внатрешни работи. Гостувајќи во емисијата „Опињон“ на тиранската телевизија „Клан“, тој ја коментираше дебатата помеѓу премиерот Еди Рама и претседателот Илир Мета за Сандер Леши, кој во моментов ја извршува функцијата заменик-министер за внатрешни работи, со надлежности на министер.

Внимателно ги следам случувањата во земјата. Гледам дека премиерот и претседателот разговараат еден со друг. Мислам дека е важно се да биде во рамките на уставните граници и да продолжат да работат заедно за да најдат решение што е можно поскоро. Ова е нашата цел, ова е целта на ЕУ. Треба да има министер за внатрешни работи, така функционира во секоја земја – истакна Сореца.

Мое е да им кажам на албанските власти дека е потребен целосно функционален министер за внатрешни работи, а тоа значи дека што побрзо треба да се избере министер кој ќе биде способен да ја обавува оваа функција – истакна Сореца. Леши, кој по чин е бригаден генерал а неколку години и советник на премиерот Рама за безбедносни прашања, од Владата беше назнечен за заменик-министер, откако претседателот Илир Мета не го потпиша указот тој да биде министер.

Поради образложението на Мета дека војниците кои се во активна служба не можат да бидат избрани или назначени на други државни задачи ниту да бидат дел од партии или политички активности, Леши достави барање до Претседателот да му го одземе чинот генерал, како решение кое ќе овозможи негово назначување за прв човек на министерството.

Advertisement