Балканските медицински наменски сили се подготвуваат за учество на меѓународната вежба

Балканските медицински наменски сили (БМНС), минатата недела, во рамки на подготовките за учество на меѓународната вежба „Saber Guardian 2017“, во Белград, Република Србија, реализираа санитетска обука чиј дел беше и Армијата на Република Македонија. Персоналот од Армијата беше составен од офицер во постојаната организација на БМНС, 5 членови во Ќелијата за координација на евакуацијата на пациенти, тим за поддршка на комуникациско-информацискиот систем од 2 члена и 1 лабораториски техничар во состав на лесната полска болница.

Во рамки на извежбувањето опфатена беше работата во Тактички оперативен центар, проработка на стандардните оперативни процедури, поставување на соодветна информатичка мрежа и софтвер за размена на податоци, како и запознавање со опремата на лесната полска болница на БМНС.

Покрај претставниците од АРМ, свое учество во составот на БМНС имаа претставници на армиите на Босна и Херцеговина, Словенија, Србија и Црна Гора, како и претставници на Норвешките вооружени сили и Европската команда на Вооружените сили на САД.

Оваа активност е од посебно значење за армиите на земјите кои учествуваат во состав на БМНС, бидејќи со неа се унапредува интероперабилноста на учесниците во процесот на давање потребна медицинска нега на настрадани лица во случај на елементарни непогоди.