Берлин: Основен Македонски национален совет

На ден 16.03.2019 година, во Берлин се одржа средба на која беше разгледана и констатирана потребата за формирање на ново, обединувачко и прогресивно тело кое ќе се труди да ги артикулира интересите на Македонците. После исцрпна дискусија се дојде до заеднички став дека е потребен некој нов вид на здружување.

По тој повод, чест ни е да ве информираме дека за потребите на Македонците и македонскиот народ се формира „Македонски Национален Совет“.

Советот е формиран во следниот состав: Васко Белески, Роберт Кленкоски, Игор Механджијски, Роберт Милески. Записничар: Слаѓана Гажарова.

Македонскиот Национален Совет, на својот прв состанок, во контекст на Преспанскиот договор кој ги тангира Македонците од целиот свет, ги зазеде следните долгорочни ставови:

1. Советот го отфрла преспанскиот договор и го смета за капитулација.

2. Советот во целост ја прифаќа изразената волја на македонскиот народ и другите граѓани на Република Македонија преку масовен бојкот на историскиот референдум од 30 септември 2018 година за отфрлање на наметнатото име.

3. Советот ја отфрла употребата на наметната географска додавка и ќе делува во правец на зачувување на името Македонија без никакви додавки

Македонскиот Национален Совет на својот прв состанок, а во врска со претстојните претседателски избори во Македонија, ги зазеде следните ставови:

1. Советот го повикува македонскиот народ и сите други граѓани на Република Македонија масовно да се вклучат и да излезат на гласање на претстојните претседателски избори и не препорачува бојкот од следниве причини:

а) Долгорочна цел на ДУИ е да ја поткопа институцијата Претседател на Република Македонија, бидејќи се свесни дека само оваа институција не им е на дофат. Токму затоа се трудат да наметнат за нив прифатлив начин при изборот на личноста, за подоцна да можат да влијаат врз неа.

б) Доколку не се исполни цензусот на претседателските избори, советот е на мислење дека СДСМ и ДУИ заедно со нивните марионети одвоени од ВМРО-ДПМНЕ ќе преминат во фаза за промена на уставот во правец на укинување на постоечката институција Претседател на РМ, префрлајќи го изборот во Собранието на Република Македонија. Во таков случај ДУИ ќе постави услов, покрај двотретинско мнозинство за избор на Претседател, истиот да се ограничи и преку воведување на т.н. Бадинтерово мнозинство, со што во целост ќе се ослабне досегашната поставеност на институцијата Претседател, а тие во иднина ќе имаат круцијално влијание врз изборот.

в) Изборот на Претседател на Република Македонија преку негов директен непосреден избор од граѓаните дава посебна сила на оваа институција. Целта е таа сила да се неутрализира.

г) Советот разгледа уште едно можно сценарио. Доколку претседателските избори пропаднат, СДСМ и ДУИ заедно со нивните марионети одвоени од ВМРО-ДПМНЕ може да преминат во операција на намалување на цензусот за избор на Претседател и со тоа да се повторат претседателските избори.

2. Советот ги разгледа и понудените кандидати за функцијата Претседател на РМ, како и нивните погледи и ставови. Советот одлучи да го повика македонскиот народ и сите други граѓани на Република Македонија на престојните претседателски избори својот глас да го дадат за Гордана Силјановска-Давкова.

Советот застана зад нејзината номинација поради нејзиното ветување дека никогаш нема да ја користи наметнатата додавка „северна“, ќе се бори во секој поглед против таа додавка, и ќе формира експертски тим од светски признати правници кои ќе ги разгледаат случувањата кои доведоа до тоа да се наметне име од страна на друга држава врз народ и држава кои истото го отфрлиле на регуларен референдум.

Исто така многу добар аргумент советот виде и во ветувањето дека Силјановска ќе се бори за повторно враќање на демократијата и правната држава во Македонија, нешта кои се целосно уништени од страна на сегашните властодршци.

Македонскиот Национален Совет и посакува успех во кампањата и ѝ порачува никогаш да не отстапи од овие ветувања.

Појаснување: Нашиот став за и околу излегувањето на претседателските избори во април во никој случај не значат „легитимирање“ на додавката напротив, со тоа се означува почетокот на борбата против истата.

Македонскиот Национален Совет е отворен за соработка и ги охрабрува сите заинтересирани да се приклучат во заедничките цели и во исто време го повикува македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија да застанат зад нив и масовно да ги поддржат овие ставови. – стои во сопштението на Македонскиот Национален Совет.