Бил Николов: Говорите на демократите можеби се подобри од тие на Трамп но делата им се исти

Се што беше кажано на националната конвенција на Демократската партија на САД беше толку… дволично.

„Не им дозволувајте да ви ја земат власта. Не им дозволувајте да ви ја земат демократијата“, рече Барак Обама, под кого почна политиката со која се згазија демократијата и човековите права на цела една етничка група, која со сила беше преименувана и и се смени етничкиот идентитет.

„Треба да добиеме толку многу гласови што Трамп нема да може ни да се обиде да ни ја украде победата“, додаде Хилари Клинтон, чија брутална политика во Стејт Департментот – политика која иронично и денес е на сила и е поддржана од администрацијата на Трамп – беше да се загарантира дека една од нивните омилени марионети ќе дојде на власт.

„Како Спикер, видов од прва рака како Доналд Трамп не ги почитува фактите, не ги почитува работните семејства и особено не ги почитува жените“, изјави Ненси Пелоси, под раководство на чија партија жени беа апсени, тепани, и примаа закани ако не ги послушаат американските наредби.

Земјата за која зборувам е Македонија.

Мнозина во Демократската партија не ни знаат што се случува во Македонија, но партијата знае – бидејќи таа ги организираше настаните. А Републиканската партија во целост ја поддржа демократската политика кон Македонија? Зошто? Затоа што со неа се реализираше главната цел на американската надворешна политика со децении наназад – интервенционизмот. Зошто Македонија? За да и се удоволи на Грција, која најави дека ќе го блокира приемот на Македонија во НАТО се додека Македонија не го смени името во „Северна Македонија“, не се откаже од се што значи да се биде Македонец, не и го даде името „Македонија“ на Грција. А ова не се однесува само на Република Македонија туку има последици за целата Македонија – која беше поделена во 1913 година меѓу Србија (овој дел е сега независната Република Македонија), Грција, Бугарија и во 1919 – Албанија.

Иронично, ако се навратиме уште пред американската интервенционистичка агенда, Грција имаше добро позната политика да го негира постоењето на Македонија и остро да се спротиставува на секое спомнување на зборот на „М“, како и да води кампања за прогон, бришење или принудно асимилирање на Македонците во нејзините граници. Но во 1988 година Грција изврши шокантна промена на политиката и почна да го присвојува името „Македонија“ (но се уште да го негира постоењето на Македонците) со цел – ова го признаваат многу грчки политичари, вклучително и поранешниот премиер Константин Мицотакис – да ја „избрише Македонија од мапата“ и да ја прикрие и негира својата политика на прогон и културолошки геноцид против големото македонско малцинство во Грција.

И така САД стапија на сцената – од лево и од десно. Демократите и Републиканците спроведуваа политики кои поттикнаа граѓанска војна во Македонија, по што им дадоа амнестија на терористите, урнаа Влада која веќе беше под нивна контрола за да воведат марионетски режим под уште посилна онтрола, при што апсеа и им се закануваа на жени – пратенички и на нивните семејства, ги апсеа сите што ќе се осмелеа да проговорат против американскиот интервенционизам, го кршеа меѓународното и македонското право, Уставот, волјата на народот и сите демократски принципи кои толку гордо велат дека ги почитуваат – само за да го прошират НАТО, а со тоа и американскиот империјализам.

Ова што го пишувам може да биде изненадување за многу американци, но не би требало. Американските тврдења дека „шират демократија низ светот“ се всушност маска за ширењето тиранија и спроведувањето на нивните искривоколчени надворешнополитички цели. Да се помириме со нешто што е веќе сосем очигледно – и да направиме нешто за да го запреме. Демократски гласачи – повикајте ја својата партија на одговорност. Барајте нејзините зборови навистина да значат нешто. Погрижете се да не бидат исти како Трамп. Републикански гласачи – водевте кампања велејќи дека нема да бидете исти како Демократската партија. Престанете да ја спроведувате демократската надворешна политика.

На конвенцијата, Камала Харис кажа дека нејзината мајка ја израснала како „горда, црна жена, и како жена горда на нејзината индиска традиција“. А сепак, САД прави се што е во нејзина моќ да не лиши нас Македонците од нашите македонски традиции, од тоа што сме и што секогаш сме биле – Македонци. Замислете вакво нешто да ви се случуваше на вас. Барајте да ни се врати нашето македонско име и да ги добиеме нашите основни човекови права назад. Барајте крај на американските надворешно-политички интервенции. Борете се за тоа во што верувате./Бил Николов, Претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права.